Настани 97e96ac0-72d4-4f5b-99a1-6243547a3aa1

7 август, 2014

Нови изведувачи за незаборавно издание на Аква Парк Фестивал‏

Аква Парк Фестивал со своето второ издание кое ќе се одржи на 28 и 29 август во Пробитшип е подготвен да го одбележи ова лето со најголемата повеќедневна фестивалска програма која полека ја комплетира листата од повеќе од 20 изведувачи кои гарантираат нeзаборавно и несекојдневно квалитетно музичко доживување.

Кон листата изведувачи чии настапи ќе го одбележат вториот ден на Аква Парк Фестивал (петок, 29 август), се придружуваат вистинскиот пионер на електронската сцена и поранешен член на славните „Андерворлд“ (Underworld) – ДАРЕН ЕМЕРСОН (DARREN EMERSON) и ЏОН ДИГВИД (JOHN DIGWEED) – еден од најреспектираните светски диџеи кој со децении е синоним за квалитет, генијалност и интергитет на електронската сцена.

Првиот ден на Аква Парк Фестивал пак, покрај најавените денс великани Тимо Мас, Јорис Ворн и „Фанкермен“, во вечерната програма на главната бина го претставува и најголемото музичко име во регионотбендот кој важи за машинерија на концертната забава, но и многу повеќе од тоа – „ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ“. Но и тоа не е сè! Оваа фестивалска вечер ќе ги пречека иурбаните чувари на автентината сонична линија „ПМГ КОЛЕКТИВ“ кои го претставуваат модерниот звук на Скопје. Ним во четврток, на 28ми август во Пробиштип им се придружуват уште и оригиналните битолчани „ПАРКЕТИ“ и младиот, но моќен хип хоп колектив од Струмица, „ДИВИЗИЈА“.

Во петок, 29 август, покрај веќе најавените групи „Дисциплина Кичме“, „Бед Копи“, „Хардфејсд“, „Елементал“, како и диџеј двоецот „Прок&Фитч“, на Аква Парк Фестивал доаѓа и ЏОН ДИГВИД. Во 2001 година Дигвид беше изгласан за број 1 диџеј на листата на популарниот „DJ magazine“ и ја освои масовната публика, но тој воедно го задржува и своето долго присуство во андерграунд денс културата. Од 1998 до 2008 година Дигвид постојано беше дел од листите на топ 10 најдобри диџеи, додека во 2010 година беше изгласан на 29то место на Топ 100 листата на „DJ Mag“. Џон Дигвид, предводникот и eден од највлијателните изведувачи на електронската сцена, на Аква Парк Фестивал пред македонските фанови на денс музиката ќе го претстави својот уникатен музички стил, кој е секогаш различно категоризиран како транс, хаус, прогресив и електроник, а сепак нема ниту една жанровска етикета која може точно да се примени за него. Дигвид одамна го има зацврстено своето име на страниците од историјата на денс музиката. Меѓу значајните моменти во неговата кариера се вбројуваат: првата вистинска диџеј микс компилација (“Renaissance”), да се биде првиот британски резидент диџеј во легендарниот клуб „Твајло“ (Twilo) во Њујорк, неговата „Bedrock“ етикета која е глобален печат за продуцентски квалитет и генијалност, издавањето ремикси за артисти како „Њу Ордер“ (New Order), „Еволушн“ (Evolution), „Сатоши Томи“ (Satoshi Tomiie), „Д Орб“ (The Orb), „Андерворлд“ (Underworld), Дени Тенаглиа (Danny Tenaglia), како и турнеите со Дејвид Боуви (David Bowie) и „Моби“ (Moby). Неговото „Transitions“ радио шоу пак со години е едно од најуспешните во денс музика, кое се пренесува во 45 земји ширум светот, а со повеќе од 14 милиони слушатели неделно веќе има култен статус кај публиката.

Истата вечер сцената на Аква Парк Фестивал ќе ја пречека и големата ѕвезда на светската денс сцена ДАРЕН ЕМЕРСОН. Ако некој на само 14 години го оствари својот прв диџеј сет, а на 16 години веќе интензивно настапува во клубовите, тогаш таа личност е на вистинскиот пат да оствари и значаен успех во светски размери. Токму тоа се случи и со младиот англичанец, а пресвртниот момент во кариерата на Дарен Емерсон се случи кога кон крајот на ’80 години ги запозна Карл Хајд и Рик Смит. Во тогаш оформеното трио „Андерворлд“, Дарен беше главниот продуцент. Во следните десет години тие снимија три албуми кои се продадоа во повеќе од милион примероци, нумерите „Cowgirl“, „Rez“ и „Dark and Long“ се вброија во редот денс класици, додека Born Slippy, која беше употребена и во култниот филм „Треинспотинг“, е една од најзначајните нумери на деведесеттите години. Од 2000 година, Дарен се посветува на самостојната диџеј кариера. Продолжи со објавување на сопствената музика но и на други артисти за неговата „Underwater“ етикета што многу брзо му ја донесе и неговата сопствена вечер во супер клубот „Пача“ (Pacha) на Ибица, а во 2003 година „Underwater“ беше прогласена и за етикета на годината од старана на респектираниот „DJ Mag“. Вистинскиот пионер на електронската сцена, Дарен е една од највлијателните личности во денс музиката, кој зад себе има соработки и со бројни музики уметници како што се Саша (Sasha), „Депеш Мод“ (Depeche Mode), „Бјорк“ (Bjork) и “Д Кемикал Брадерс“ (The Chemical Brothers).  Со сите негови оставрувања, техно иноваторот, основоположник на „Андерворлд“ и сопственик на етикетите „Underwater“ и „Detone“ – Дарен Емерсон сосема оправадано остана името на чело на техно, електроника и хаус сцената во последните три денцении.

Првиот фестивалски ден на Аква Парк Фестивал 2014 е резервиран и за најголемото музичко име во регионот ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, бендот од Балканот кој покажа дека во себе носи потенцијал за пробив во светот каков што недостасувал со години. По бројните распродадени концерти ширум регионот, настапите на големите европски фестивали Похода, Рок’Н’Кок, Зигет, Егзит, Роскилде, Палео, Рок Оточац и стотици други концерти, Дубиоза Колектив својот нов албум „Апсурдистан“ ќе го претстави и пред публиката на Аква Парк Фестивал. Нивниот шести албум насекаде забележа неверојатен успех и од неговото објавувањето на официјалната страница на бендот го преземаа повеќе од 300.000 луѓе, а само спотот за песната „Кажу“ оствари  над 6 милиони прегледувања. Покрај промоцијата на песните од „Апсурдстан“ на концертот во четврток (28. август 2014) бендот ќе ги изведе и најголемте хитови од десетгодишната кариера. Овој концерт со сигурност ќе биде еуфорично доживување за публиката на овогодинешното издание на Аква Парк Фестивал, а гаранцијата за тоа е самиот бенд кој докажа дека и „официјално“ е во моментов најголемата концертна атракција. За овие момци критиката вели дека се бенд кој „едноставно ја погоди вибрацијата на сегашноста, интелигентните текстови ги аранжира во заразни игриви хитови и сѐ тоа го изведува со убиствена прецизност и жестина не оставајќи простор за сомнеж дека само им се посреќи мигот. Дубиоза Колектив е пример за голем балкански пост-југословенски бенд кој не е само машинерија за забава.“ (Равно до дна).

Но и тоа не е сè! Во четврток главната бина на Аква Парк Фестивал ќе одекне и во звукот на модерно Скопје кој го претставува „ПМГ Колектив“. Станува збор за автентична сонична линија, која се развива и менува повеќе од 15 години. Звук, препознатлив по сировиот танцов раб, но и уникатна, речиси поп мелодичност. Љубов и пријателство кои досега резултираа со 13 изданија (од кои 5 албуми) и голем број ремикси и неколку турнеи. Актуелната инкарнација на бендот е мошне авантуристички спој на тврди, танцови електронски ритмови, со живи инструменти и секако вокали. Совршена комбинација за луѓето кои сакаат да си отпејат понекој интелигентен поп рефрен додека играат на подиум. Бендот моментално работи на својот шестти албум, со работен наслов „ExYou“. „ПМГ Колектив“ настапува во живо, во следниот состав: Мирко Попов (машина, вокали), Синиша Евтимов (гитари), Теа Шалдева (вокали) и Александар Гавровски (бас).

Битолската група „Паркети“ која е карактеристична по секогаш препознатливиот и специфичен звук, како и по своите оригинални настапи во живо, изгледот и смислата за хумор, исто така е дел од програмата за првата фестивалска вечер. Од нивното основање во 1991 година, бендот до сега има објавено четири албуми, кои некогаш одредени како андерграунд, друг пат како мејнстрим, секогаш се одбележани со саркастичните текстови и енергијата која бендот несебично ја дели со публиката на концертите. Изминатата година тие го објавија и првиот видео сингл кој како што велат самите, е отпеан на југословенски јазик, насловен Ауто паркинг кој е воедно најава и за нивното следно студиско издание.

Хип-хоп звукот на Аква Парк Фестивал во четврток (28. август) доаѓа со колективот ДИВИЗИЈА во состав: Кискин, Хроник (Chronic), Бандит, Фарс (Farse), Скептик и Киндер. Овој колектив од Струмица твори веќе цела деценија, период во кој има изработено албум во 2005 година “Моќна постава”, во април годинава го објавија својот нов албум „Втора шанса“, а наскоро се очекува и објавувањето на посебниот проект на Хроник заедно со Ел’Борачо (El’Borracho) од „Да Титаниум“ (Tha Titanium) насловен „Од каде доаѓам“. Повеќе од доволен предизвик за да го чуете во живо најновиот материјал на Дивизија на Аква Парк Фестивал.

 

ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ СЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за Фест се достапни во продажба по промотивна цена од 400 денари за еднодневна влезница и 700 денари за фестивалска влезница во која е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот, бесплатна влезница на Аква Паркот и користење на сите водени атракции кои тој ги нуди. Промотивните билети ќе се продаваат во строго ограничен број!

Картите за фестивалот ќе можат да се купат во продажната мрежа на МКтикетс:

  • Продажните салони на ONE во: Скопје (Рамстор, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Скопје Сити Мол) Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија.
  • Југотон ГТЦ 1 кат, МПМ ПРЕСС, Гоги Драчево, Универзална Сала – Скопје, Алпине Спорт – Тетово, Тобако – Охрид
  • Билетара на Аква парк – Пробиштип.


Врати се горе ↑