Настани cc64efe8-cb35-456a-ae84-c16de023d13d

22 мај, 2015

Нови изведувачи се приклучуваат на тридневниот „Д фестивал“

„Фулиш грин“, „Пи-ем-џи колектив“, „Културно Уметнички Работници“ и „Драм’ен’брас трио“ на главната бина на петтиот „Д ФЕСТИВАЛ“

Во име на прославата на скромниот петти јубилеј, „Д ФЕСТИВАЛ“ годинава прв пат ќе се одржи со тридневна програма, а главната бина на фестивалот, од 17 до 19 јули во Дојран ќе биде местото на кое ова лето се здружуваат бројни квалитетни артисти од музичката сцена. Покрај првите објавени изведувачи, кон оваа листа се приклучуваат и музичките имиња значајни за одржувањето на автентичниот звук на домашната сцена, како „ФУЛИШ ГРИН“, „Пи-ем-џи колектив“, „Драм’ен’брас трио“ и „Културно Уметнички Работници“.

Посебно концертно уживање на 18 јули на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде настапот на извонредно инвентивните и атрактивни „ФУЛИШ ГРИН“ (FOOLISH GREEN). Со својата работа овој бенд веќе потврди дека е сосема поинаков музички израз на локалната сцена. Нивното прво лонг-плеј остварување „Escape“  во 2013 година се појави како едно од ретките психоделик поп / рок’н’рол изданија на нашите простори и веднаш ги собира одличните оценки на рецензиите и од музичките медиуми во регионот. Тие за „Фулиш грин“ велат: „Она што се ’Палма вајлетс’ на почетокот од годината на странската сцена, тоа со сигурност би можеле да бидат ’Фулиш грин’ на регионалната сцена (…). Да доаѓаат од Британија, сигурно би биле ‘најдобриот бенд на светот“. (музика.хр)

 

Покрај „Фулиш грин“, во саботната вечер на „Д ФЕСТИВАЛ“, главната бина ќе одекне и во звукот на модерно Скопје претставен од Пи-ем-џи колектив. Станува збор за автентична сонична линија, која се развива и менува повеќе од 15 години. Звук, препознатлив по сировиот танцов раб, но и уникатна, речиси поп мелодичност. Актуелната инкарнација на бендот е мошне авантуристички спој на тврди, танцови електронски ритмови, со живи инструменти и секако вокали. Совршена комбинација за луѓето кои сакаат да си отпејат по некој интелигентен поп рефрен додека играат на подиум.

 

Истата вечер ќе имаме можност да уживаме и во настапот на триото „Драм’ен’брас“ (Drum’n’Brass) кое доаѓа здружено во обид да се избега од концептот на класичен диск-џокејски настап и да се направи нешто повозбудливо за клупската публика. Проектот ги обединува продуцентот и диџеј Емил Хаџи-Панзов (Tripnotic) и двајца од најдобрите домашни џез музичари, Васко Бојаџиски и Владан Дробицки (Sethstat). Нивниот настап е спој на повеќе музички влијанија, подеднакво интересен за клупската публика која сака да игра до изнемоштеност, како и за критички настроените слушатели кои бараат малку поголем музички предизвик. За момците со способност да ги придобијат симпатиите дури и на најпребирливата публика, учеството на „Д фестивал“ ќе претставува своевидно враќање на клупската сцена по неколкугодишно отсуство.

Првата фестивалска вечер пак, на 17 јули на главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ доаѓа групата Културно Уметнички Работници која храбро го чува „фронтот“ на рок културата кај нас уште од март 1999 година. Формирањето на овој состав е резултат на големото дружење во скопскиот кафе-бар „Браво“ помеѓу членовите на групите „Тотално опуштање“, „Но нејм нејшн“ (No Name Nation), „Бомбашки процес“, „Жолтица на бродот Баунти“ и „Рок агресори“. Имено, членовите на овие групи решија да се состават во една дива орда и со здружени сили да се борат за ширење на рок културата. Неодамна беше промовиран документарниот филм по повод 15 годишнината од формирањето на групата, а на „Д ФЕСТИВАЛ“, „К.У.Р.“ доаѓа во одлична форма и со тазе албум.

 

„Д ФЕСТИВАЛ“ со тридневна програма на повеќе бини, фестивалски камп и плажа, стапува на сцена од 17 до 19 јули во Дојран. Од музичката програма на главната фестивалска бина веќе се потврдени и настапите на КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, „БЕД КОПИ“, „ФОЛТИН“, и „БАИЛДСА“, а наскоро ќе биде објавена целосната програма за највозбудливото доживување ова лето на „Д ФЕСТИВАЛ 2015“.

Влезниците се веќе во продажба! Четиридневен одмор за 600 денари!

Започна продажбата на првите промотивни влезници за петтото издание на „Д ФЕСТИВАЛ“! Во рамките на претпродажбата достапни се тридневните фестивалски влезници кои вклучуваат и бесплатен камп, а чинат само 600 денари. Покрај овие, се продаваат и еднодневните влезници по цена од 250 денари (за петок и сабота) и 350 денари (за недела).

Претпродажбата ќе се спроведува до 1 јули и се однесува на ограничен број на влезници, па ги советуваме сите посетители кои ќе одлучат да бидат дел од јубилејната прослава на„ Д ФЕСТИВАЛ“ и најдобрата летна фестивалска атмосфера кај нас, да бидат брзи за да ги искористат поволностите на овој контингент влезници. Кампот на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде отворен на 16 јули, веќе ден пред официјалниот почеток на програмата.

Влезниците можете да ги купите преку МКТИКЕТС или поточно во:

  • продажните салони на ONE во: Скопје (Ramstore, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Skopje City Mall) Куманово, Тетово,Гостивар, Битола, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија;
  • во Скопје: Југотон (ГТЦ 1 кат), Универзална Сала, Тобако – МПМ ПРЕС, Тобако  Гоги – Драчево, Тобако 2 -Скопјанка, Тобако – Дрводекор, Супер Тобако 8;
  • во Тетово: Алпине Спорт;
  • во Охрид: Њу Тобако;
  • во Кавадарци: Ровим Ком;
  • и онлајн на: mktickets.mk/dfestival2015


Врати се горе ↑