Настани ema-ch-k-rb-cxcx

16 октомври, 2014

Нови имиња на списокот со изведувачи за европските музички награди на „Ем-ти-ви“

Како што е познато, европските музички награди на „Ем-ти-ви“ годинава ќе бидат доделени на 9 ноември во Глазгов, а домаќинка на јубилејното 20-то издание ќе биде рап ѕвездата Ники Минаж. На веќе најавените изведувачи Ед Ширан и Аријана Гранде, денеска им се придружија и шкотскиот диџеј и продуцент Келвин Харис, младата британска надеж Чарли Екс-си-екс, електро-поп пејачката и текстописец Кајза (Kiesza) и моќното рок дуо „Ројал блад“.

Најплатениот диџеј во последните две години, кој за прв пат ќе настапи на ова доделување, е номиниран во две категории (Најдобар изведувач на електронска музика и Најдобар избедувач од Велика Британија и Ирска), а Кајза и Чарли Екс-си-екс се борат за титулите „Најдобар нов изведувач“ и „Најдобар PUSH изведувач“, додека Кајза е во трка уште и за „Најдобар канадски изведувач“.

Гласањето се одвива на MTVEMA.COM

Според бројот на номинации, во трката води Кејти Пери која се бори во седум категории, веднаш позади неа со 6 номинации е Аријана Гранде, Фарел и „5 секндс оф самр“ имаат по 5, а „Уан дајрекшн“, Ники Минаж, Иги Азалија, Еминем, Сем Смит и Кајза се номинирани во по 4 категории. Во категоријата „Најдобар изведувач од Балканот (Best Adria Act)“, за жал не се најде ниту едно македонско име, а потенцијалните добитници се „Ван Гог“, „Граматик“, „Ватра“, „Пунчке“ и „Ху си“.

Наградата „Глобална икона“ годинава ќе му биде доделена на легендарниот Ози Озборн, а јубилејното 20-то доделување на европските музички награди на „Ем-ти-ви“ ќе биде пренесувано во живо од салата „Хајдро“ во Глазгов, во недела (9 ноември) со почеток од 21 часот.

 



Врати се горе ↑