Настани eead5550-2c8b-4e66-8b5a-85d1620d5665

24 декември, 2015

Нови хедлајнери на електронските бини на „Егзит“

Апсолутниот хаус маг и еден од лидерите на денешната електронска сцена Solomun, се враќа на Exit Dance Arenа во четврток 7. јули, со неспоредливо поголем статус на светската сцена во однос на неговиот деби настап на Exit 2010. година. Иако израснал во Хамбург (Германија), Младен Соломун е роден во Травник (БиХ), што гордо го истакнува во секоја прилика, но и го прикажува во своите настапи на кои пред светската публика го презентира звукот од ова поднебје. Зад себе има награди за најдобар диск-џокеј и продуцент на годината, а во моментов со својата журка „Solomun +1“ е еден од некрунисаните кралеви на Ибица, рамо до рамо со имињата како што се Richie Hawtin (Enter) и Marco Carola (MusicOn). Сопственик е на влијателната етикета „Diynamic“, како и многу ценетата алтернативна издавачка куќа „2DIY4“.

No Sleep Novi Sad, втората по големина електронска бина на Exit, следното лето за време на четирите ноќи зад тунелот во скришното место до Dance Arena, ќе ги претстави некои од водечките светски клубови и издавачки куќи во рамки на новиот програмски концепт. Своето доаѓање на Exit прв го потврди еден од светски прочуените клубови, Concrete од Париз, кој ќе ја одржи својата планетарно позната журка во сабота 9. јули. Нивната програмска ноќ на Exit ќе ја предводи фамозниот техно вундеркинд и ѕвездата на новата генерација Tommy Four Seven, а го следат и водечките Concrete резиденти и актуелните лидери на париската техно сцена Antigone и Francois X, како и ѕвездата во пораст Shlømo кој на No Sleep бината го носи својот интензивен настап во живо!

Tommy Four Seven е британски продуцент кој со преселбата во Берлин во 2008. година брзо се етаблира како еден од најистакнатите претставници на ултимативната и исклучително конкурентна берлинска техно сцена. Тој е омилен изведувач на Chris Liebing и еден од неговите водечки продуценти на етикетата „CLR“, како и сопственик на новата и сѐ попопуларна издавачка куќа „47“. Познат е по ултимативните техно синглови „131“, „Ratu“, „OX1“ и бројни други, на кои соработува и со имиња како што се Regis, Robert Hood или Perc.

Antigone се смета за предводник на француската авангардна техно сцена која повторно е во подем. Изданијата „Forbidden Work“ на Constuct Re-Form етикетата, како и „Menace of the Species“ и „Astral Traveller“ го привлекоа вниманието на светската сцена и со тоа го осигураа местото на Antigone како резидент во клубот Concrete, а молскавичното искачување на сцената му донесе и чести настапи во клубовите Tresor, Fuse, Trouw и Berghain. Покрај колегите од  Concrete фамилијата, на листата на негови соработници се Zadig, UVB и Tommy Four Seven.

Francois X е светски признат диџеј и продуцент, но и една од клучните личности на француската електронска сцена. Неговите први изданија на кои работеше и славниот DJ Deep, а пред сѐ нумерата „Rising“, Marcel Dettman ги вклучи во микс изданието „Fabric 77“ и тие од тогаш непрестано соработуваат. Francois X е водечкиот резидент на клубот Concrete, а има и редовно место зад микс пултот во Berghain и Fabric. Неговиот микс за парискиот „Boiler Room“ се смета за еден од најдобрите од француската престолнина.

Shlømo е најмладиот Concrete резидент кој ќе настапи во сабота на NSNS бината. Во 2013. година ја основаше етикетата Taapion Records на која се објавени имиња како Birth of Frequency, Roman Poncet и Francois X. Стана дел од Concrete колективот релативно скоро, на 25. октомври, на четвртиот роденден на клубот за кој цел Париз зборуваше поради журката која се одвиваше три дена и ноќи без престан. Настапуваше и на сѐ повеќе популарниот париски фестивал Weather, кој го организира токму тимот од клубот Concrete, а чие зимско издание изминатиов викенд привлече илјадници фанови од цела Европа.

Настапите на магичната Exit Авантура 2016 меѓу првите ги потврдија и во моментов најголемата светска хип-хоп ѕвезда, Wiz Khalifa, инди-рок сензацијата Bastille, изразито бараниот лондонски рапер Stormzy, белгискиот хитмејкер Lost Frequencies, култниот музички колектив Dub Pistols и најбараниот холандски бенд Kensington. Нив ги следи и импресивната листа на бејс изведувачи од Петроварадин до Јаз, а првите потврдени се родоначалниците на жанрот и драмендбејс прваците DJ Hype и Andy C, како и најголемите дабстеп ѕвезди Modestep и Zomboy.Ќе им се придружат и водечките имиња на новата генерација Wilkinson, Ivy Lab и Sub Zero, а специјално место во програмата на главната бина на Exit е резервирано за неповторливата Ms. Dynamite. И последната група изведувачи за Exit Авантурата е објавена во овој предновогодишен бран, а следните имиња ќе бидат објавени по претстојните празници.

Голема новогодишна акција: 1 влезница за 2 фестивала!
За време на новогодишната акција, влезниците за Exit фестивал се достапни по промотивната цена од 3.599 денари, со 70% попуст и со подарок влезница за Sea Dance фестивал! Строго ограничениот број на влезници во рамки на оваа акција во Македонија е достапен преку продажната мрежа на МКтикетс, а повеќе информации за новогодишната понуда можете да најдете на mktickets.mk и на exitfest.org .



Врати се горе ↑