Артисти 10343539_661309253947989_8437771612660587271_n

20 мај, 2014

Новата македонска супер група „ТЕМПЕРА“, ексклузивци на Авалон Продукција

Авалон Продукција со огромно задоволство најави дека започнува соработка со новата македонска супер група „Темпера“. Во следниот период Авалон ќе биде извршен продуцент,односно издавач, промотер и букинг агент на бендот. Супер групата „Темпера“ е оформена 2013 година во Скопје, а во неа членуваат музичари со огромно искуство, кои учествувале или соработувале со најголемите и најкултните македонски бендови: „Архангел“, „Мизар“, „Кисмет“, Влатко Стефановски Трио…

Драган Гиновски Гино – гитарист и композитор. На свои петнаесет години го оформува Гино де Гаги – урбан андерграунд бенд, а во 1988 година заедно со Ристо Вртев и Дејан Аргировски го создаваат македонскиот култен бенд „Архангел“, каде членува се до 2011. Како дел од „Архангел“,  многу музички критичари го прогласуваат за еден од најдобрите рок гитаристи во Македонија.

Ѓоле Максимовски – бас гитара и композитор. Музички активен од средината на 90-тите, басист и композитор на албумите на „Тилт“, „Сет“, „Беневентан Трио“, „Мозаик“, како и основач на бендот „Кабадајас“. Од 1998 до 2005 член на „Архангел“. Учесник во снимањето на албумите на „Алшар“, „Мугер Фугер“, а во моментов како и изминативе десетина години е и дел од Влатко Стефановски Трио, со кого има остварено успечни соработки со неколку светски реномирани музичари, како Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ.

Мите Димовски – тапанар, композитор, аранжер, продуцент. Својата музичка кариера ја започнува на свои 12 години во групата „Цилиндер“, како најмлад тапанар во екс Ју. Најголемиот дел од својата кариера како музичар ја има поминато во групата „Архангел“ од 1991 до 2005 година и учествувал во снимањето на 4 албуми на бендот. Во својата дваесетгодишна кариера има учествувано во импозантни преку 400 проекти како продуцент, а покрај многуте музички имиња соработувал и со „Мизар“, „Анастасија“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски…

Тања Тас – вокал и текстописец. Уметник, дипломиран сликар и графички дизајнер, својата музичка кариера ја започнува на 16-годишна возраст како вокал на првиот македонски блуз бенд „Вајд банч“ (Wild Bunch). Континуирано од тогаш учествува во доста музички проекти заедно со „Кисмет“, „Лилит“, Горан Трајкоски Готра, Игор Атанасовски Харе...

Повеќе информации за активностите на бендот ќе бидат објавени наскоро.



Врати се горе ↑