Македонија kiril_dzajkovski

2 јули, 2013

Нова турнеја на Кирил Џајковски

Актуелната турнеја на Кирил Џајковски, еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот, продолжува ова лето со повеќе настапи на реномираните музички фестивали низ Европа. Во рамките на турнејата, следните неколку дена Џајковски ќе ја претстави својата извонредна музика на неколку фестивали од овој ранг, стартувајќи со гостувањето во Чешка, каде што на 4-ти јули тој ќе настапи на еден од најдобрите европски фестивали „Рок Фор Пипл“ (Rock For People).

Станува збор за 4 дневен музички и камп фестивал кој се одржува веќе 18 години, а низ годините бил домаќин на големи интернационални артисти, кои го загарантираа местото на „Рок Фор Пипл“ на календарот на сите фестивалски љубители. Оваа година четвртата фестивалска вечер (4-ти јули) го дочекува нашиот Кирил Џајковски, кој заедно со ТК Вондер, Гето Прист и МЦ Восп ќе прозвучат пред триесет илјадната публика на главната фестивалска бина на „Рок фор Пипл“. На истата сцена од први до петти јули ќе настапат и „30 Секндс ту Марс“ (Thirty Seconds to Mars), „Блок Парти“ (Bloc Party), „Паров Стелар Бенд“ (Parov Stelar Band), „Гогол Бордело“ (Gogol Bordello), „Фоалс“ (Foals), „Квинс оф д стоун ејџ“ (Queens of the stone age), „Модестеп“ (Modestep)…

Два дена подоцна, турнејата на Џајковски продолжува во Котор, градот подготвен за долгоочекуваниот спектакл во клубот Максимус! Големиот интерес на публиката веќе ветува незаборавен концертен настан за сите кои со нетрпение го очекуваат солистичкиот концерт на Џајковски во Црна Гора. Сите фанови на Џајковски кој овој период исто така заминуваат накај Котор, имаат можност за онлајн купување влезници за овој концерт преку следниот линк .

Веќе на 11-ти јули, регионално водечкиот ЕГЗИТ фестивал во Нови Сад по трет пат е подготвен да му ја даде на Кирил задачата која ја очекува целиот Балкан, настап на Фјужн сцената точно на полноќ! Фестивалот го најави гостувањето на Џајковски како предводник на најактуелните регионални изведувачи кои годинава ќе ги претстави Фјужн бината.

Словачка е наредната точка на Џајковски, каде настапува на најголемиот фестивал во тој регион – Похода фестивалот делејќи ја сцената со новата европска ѕвезда – БОНОБО и преку 50 музичари од светот. По овие настапи низ Европа и регионот, Македонија исто така ќе има можност да го ужива концертниот настап на Џајковски кој од европските фестивали, ќе се врати во нашите граници, пред крајот на Јули.



Врати се горе ↑