11 мај, 2015

Нова песна од Роберт Билбилов: Слушнете ја „Остани со мене“

Еден од нашите најдобри и најпознати продуценти, Роберт Билбилов конечно реши да нè израдува со нова песна. Хитмејкерот, кој последен пат како изведувач го слушнавме во дуетот со Дон за темата „Ти се промени“, во саботата, на денот на својот 32. роденден, ја претстави баладата насловена „Остани со мене“, на која се потпишува како комплетен автор на музиката и аранжманот, а текстот го напиша заедно со долгогодишната соработничка и колешка Анета Качуркова. „Остани со мене“ е претставена заедно со текстуален видео запис изработен од „Скај ај ентертејнмент“, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе.

Билбилов својот последен албум „Лице од насловна“ го објави во 2012 година, а во изминатиов период беше актуелен како автор на хитовите на Тамара Тодевска („Готово е“, „Залудно е“,„Тешко без тебе“, „Тажна љубов, среќна песна“, дуетот со Даниел Кајмакоски – „За миг“ и други), како и Александар Тарабунов, Мијата, Аделина Таири, Соња Мембрењо и други, а го направи и новиот аранжман на евровизиската „Autumn Leaves“, со која Даниел ќе ги брани боите на нашата земја на јубилејното 60. издание на „Евровизија“, закажано за 19, 21 и 23 мај.

И.Ј.



Врати се горе ↑