16 декември, 2014

Нова година со „Суперхикс“, „Пеперминт“, Самоил Радински, Гоце Саф и ЛД Пистолеро!‏

„Октопуси ентертејнмент“ со особено задоволство пред истекот на оваа година ви го најавува настанот организиран за уникатен пречек на Новата година и најлудата новогодишна прослава со најдоброто од македонската музичка сцена. По овој повод, на 31 декември во „Метрополис Арена“ во Скопје заедно со нас ќе бидат познатите „виновници“ за незаборавните журки и музичките имиња кои станаа препознатливи по одличната атмосфера на нивните настапи, големиот број фанови и исклучителните концерти. Оваа вечер, магичното место во Скопје ќе биде токму големата „Метрополис Аена“ и бината на која во новогодишната атмосфера ќе настапат „СУПЕРХИКС“, „ПЕПЕРМИНТ“, ГОЦЕ (САФ) и ЛД ПИСТОЛЕРО и САМОИЛ РАДИНСКИ, со кои заедно ќе ја испратиме старата и на најдобар начин ќе ја дочекаме Новата 2015 година.

Гаранција за новогодишната фешта на овој настан е бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012 – „СУПЕРХИКС. Нашата најактивна банда инструментале во текот на своето постоење, прерасна во бенд кој секоја година се закитува со некоја од музичките награди кај нас. Познати по енергичните и еуфорични настапи, ова е бенд кој гарантира секојпат ново концертно лудило. Фуриозниот состав „Суперхикс“ е вистински избор за максимално вжештување на новогодишната атмосфера и за незаборавна вечер.

Покрај нив, со нас ќе биде и бунтовната и алтернативна музичка дружина на „ПЕПЕРМИНТ, име кое веќе има бројна фан база во Македонија. Овој панк-рок бенд важи за едно од најголемите освежувања на домашната музичка сцена и е препознатлив по исклучително позитивната атмосфера која владее на нивните настапи, а доказ за нивниот квалитет се и бројните успеси кои бендот во континуитет ги остварува во последните години. Со „Пеперминт“ подготвени за еден несекојдневен позитивен концерт на кој ќе ги претстават своите хитови, новата година на самиот свој почеток со сигурност ќе звучи многу подобро.

Но и тоа не е сè! Со нас на оваа магична ноќ, задолжени за енергично хип-хоп лудување се македонскиот рапер, радиоводител и диџеј Владимир Пешков познат како ЛД ПИСТОЛЕРО заедно со диџеј ГОЦЕ САФ, кој на крајот на 90-тите беше познат на македонската андерграунд сцена како дел од групата „САФ“. Ова дуо со своите соработки е веќе добро познато во скопските хип-хоп и р&б кулоари по најдобрите забави во градот, а покрај работата како дуо, двајцата зад себе имаат и низа успешни соработки со релевантни имиња од домашната и регионалната хип-хоп сцена.

На самиот почеток на Новата година забавата во „Метрополис Арена“ ќе го очекува својот максимум со настапот на САМОИЛ РАДИНСКИ, диџејот и продуцент кој активно ја промовира електронската музика уште од самите почетоци на оваа музика како движење. Човекот кој, покрај тоа што е познат по квалитетот на сопствената продукција и творештво, ги промовирал и настапувал со низа артисти како што се Дерик Меј, Кевин Сондерсон, Карл Крег, Кени Ларкин, Џин Фарис, Фабрис Лиг, Фанк д војд и многу други. „EPM“ за него вели:  „Самоил е со секое право во првите редови на новата авангарда на европската денс музика“, додека пак Орландо Вурн (Orlando Voorn) ќе каже: „уште еден брат кој многу добро го разбира тоа, вистински воин на софистицираната андерграунд музика“.

Влезниците за најдобрата новогодишна прослава со најдоброто од Македонија се веќе достапни во продажба и тоа по промотивната цена со 50% попуст од САМО 200 денари! Оваа цена ќе важи само уште неколку дена или до 20 декември. По завршувањето на промотивната акција, влезниците во претпродажба ќе чинат 300 денари, а истите на 31 декември на влезот на „Метрополис Арена“ ќе се продаваат по цена од 400 денари. За овој настан достапни се и ВИП влезници од 500 денари, како и ВИП пакетите од 4.000 денари (4 ВИП влезници + барска маса + Jаgermeister/Finlandia/Jack Daniels).

Продажбата на влезниците се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс, а повеќе информации се достапни на овој линк , како и на официјалната „фејсбук“ страница на настанот.



Врати се горе ↑