23 јуни, 2014

Нов видео запис за „Love Never Felt So Good“ од Мајкл Џексон

Како што е познато, на почетокот на месец мај беше објавен вториот постхумен албум на „Кралот на поп музиката“, Мајкл Џексон, издание на кое се најдоа 8 претходно необјавени теми, модернизирани од тим на продуценти предводени од Тимбаленд. Како прв сингл од албумот насловен „Xscape“ беше претставена темата „Love Never Felt So Good“, која Џексон ја снимил во 1983 година заедно со канадскиот музичар Пол Енка. За да звучи современо, оваа песна доби и дуетска верзија со Џастин Тимберлејк, но на албумот стои и самостојната верзија на Мајкл. Непосредно пред 5-годишнината од смртта (25 јуни), токму оваа верзија доби свое видео издание во кое се вметнати бројни снимки од неговите поранешни „кратки филмови“, како и сцени од веќе објавената дуетска верзија со Тимберлејк. Како изгледа сето тоа можете да видите горе.

5-годишнината од неговата смрт, меѓу другото, ја одбележа и неодамна објавената книга „Remember The Time: Protecting Michael Jackson in his final days“, во која телохранителите Бил Витфилд и Џејвон Бирд заедно со Танер Колби ја раскажаа приказната за обичниот човек и татко кој се криеше позади маската на „Кралот на поп музиката“, како и ужасната страна на музичката индустрија која е всушност најголемиот виновник за прераната смрт на легендарниот музичар.



Врати се горе ↑