23 октомври, 2012

Нов видео запис за „Кафани и рокенрол“

Уште една новост од музичката сцена на Балканот е новиот видео запис за „Кафане и рокенрол“ на белградската рок група Канда, Коџа и Небојша или накратко ККН. За оваа нумера, која беше насловен сингл од нивниот последен албум „Манифест“, веќе е снимен еден видео запис, но овој пат во соработка со продуцентот Лазар Сакан, КНН снимија уште еден со малку поинакво сценарио. Режијата е на Борис Миљковиќ кој е професор на факултетот за драмски уметности во Белград.

Снимањето се одвиваше во театарот Ателје 212 и претставува сцена каде што се спојуваат грчките филозофи од Рафаеловата  фреска „Атинска школа“ со легендите на рокенролот; Платон е со Џими Хендрикс, Аристотел покрај Боб Дилан. Членовите на ККН за видео записот објаснија дека врската помеѓу нив е тоа што имаат иста цел; древните мудреци трагале по вистината, убавината и добрината, а истото тоа го прават и музичарите. Рокенролот со ритам на бунт бара смисла во хаосот и одговорност во слободата. Новиот видео запис беше вчера премиерно прикажан на MTV.

 



Врати се горе ↑