22 ноември, 2013

Нов видео запис од Бекстрит Бојс: Погледнете го „Show ‘Em (What You’re Made Of)“

Момците од американскиот бенд Бекстрит Бојс, основан во 1993 година во Орландо (САД), во јули годинава го објавија својот осми студиски албум насловен „In a World Like This“. Првиот истоимен сингл од ова издание беше објавен во јуни, а кон средината на октомври пристигна и вториот сингл насловен „Madeleine“. Како трет сингл на 15-ти овој месец беше објавена темата „Show ‘Em (What You’re Made Of)“, а деновиве доби и свое видео издание.

Оваа песна ја напишаа Еј Џеј и Кевин и им ја посветија на своите деца, но имајќи ја предвид оваа информација, во видео записот се наоѓа нешто сосема поинакво од она што се очекуваше. Пред црна позадина, со приближена камера, момците се прикажани со маички или полу разголени.

Бекстрит Бојс се основани како „бој бенд“ и активни се на сцената веќе 20 години. Кевин Ричардсон во 2006 година го напушти составот, но се врати во април 2012 година. Имаат продадено преку 130 милиони албуми ширум светот, што ги прави најпродаван бој бенд во историјата и еден од најпродаваните музички изведувачи воопшто. По музичарката Шаде, ББ станаа прва група која имала девет албуми на првото место на билбордовата 200 листа, а во април 2013 година добија и своја ѕвезда на Холивудската патека на славните.

 



Врати се горе ↑