23 февруари, 2014

Нов видео запис и најава за нов албум од Фифти Сент

Фифти Сент деновиве го претстави видео записот за песната „The Funeral“, која ќе се најде на неговиот претстоен албум „Animal Ambition“ најавен за 3-ти јуни, а најавено е и објавувањето на уште две нови песни кои ќе можат да се најдат на сервисот iTunes од 18-ти март. Покрај тоа, раперот најави дека ќе ја напушти издавачката куќа која досега ја објавуваше неговата музика и ќе премине во друга етикета.

Имено, како што објави Фифти Сент, после 12 години соработка, тој и официјално ќе ја напушти издавачката куќа Шејди Рекордс (Shady Records), која е дел од системот Afthermath/Interscope, а неговата етикета Џи Јунит (G-Unit) веќе потпишала договор со издавачката куќа Керолајн (Caroline), независен дел на системот Капитол Мјузик Груп (Capitol Music Group). Раперот практично целата досегашна кариера ја помина под закрилата на Шејди Рекордс, а неговиот сингл „Wanksta“ од 2002 година беше второто издание во историјата на оваа етикета. Меѓутоа, веќе подолго време раперот се жалел на „лошиот третман“ кој го имал во оваа куќа, тврдејќи дека неговиот долгонајавуван албум „Street King Immortal“ никогаш не добил задоволувачки буџет. Во оваа пригода раперот го „одјави“ овој албум, односно изјавил дека изданието ќе биде објавено „подоцна“, а за 3-ти јуни го најави неговиот петти студиски албум „Animal Ambition“ и ветува дека првите две песни ќе бидат објавени на 18-ти мај, како и тоа дека секоја недела до објавувањето ќе претставува по еден нов сингл и видео запис.

За заминувањето од Шејди Рекордс, Фифти изјавил: „Имав извонреден успех со Шејди и би сакал да им се заблагодарам на Еминем и Д-р Дре на неверојатната шанса која ми ја дадоа. Од нив научив толку многу во текот на сите овие години. Возбуден сум за почетокот на оваа нова ера во која ќе продолжам со својата креативна визија.“ 

Еминем изјавил: „И јас и Шејди Рекордс сме благодарни за можноста која ја имавме да одиграме значајна улога во кариерата на Фифти Сент – Шејди Рекордс едноставно не би биле тоа што се без него. Со него развив одлично пријателство во текот на годините и тоа нема да се промени. Знаеме дека во оваа нова ситуација Фифти ќе има успех и продолжуваме да го поддржуваме него, како и целата екипа на Џи Јунит.“

 

 



Врати се горе ↑