Свет 4071114_dzamala-f1

25 февруари, 2016

Нов скандал на „Евровизија“

Низ историјата на популарниот европски фестивал честопати се случувале скандали, особено кога станува збор за две или повеќе земји со нестабилни меѓусебни односи. Во ваквите ситуации најчесто на мета биле Израел и Русија, а нешто слично се случува и со актуелната евровизиска песна на Украина, која годинава се враќа во натпреварот по пауза од една години.

Имено, песната насловена „1944“, со која пејачката Џамала во мај ќе ги брани боите на Украина, носи политичка порака и зборува за прогонот на кримските Татари во времето на владеењето на Сталин: „Странци доаѓаат во вашите куќи, ве убиваат и велат дека не се виновни. Каде се вашите разум и срце? Човештвото плаче…“, ова се дел од стиховите на песната „1944“, која предизвика бурни реакции, особено во Русија.

Поради оваа песна реагираше и Комитетот за медиумски слободи на руската Дума со барање Украина да биде дисквалификувана од „Евросонг“. На ваквите реакции Џамала одговорила дека прогонот на кримските Татари во 1944 година засекогаш го променил животот на нејзината прабаба, како и на илјадници останати луѓе.

Актуелниот руски лидер Владимир Путин беше на мета и во 2009 година, кога Грузија сакаше да ја прати песната насловена „We Don’t Wanna Put In“, но беше отфрлена од страна на ЕБУ со образложение дека е „премногу политички настроена“, а бидејќи грузијските претставници не се согласиле да го променат текстот, државата се повлече од натпреварот.

Засега нема никакви реакции од страна на ЕБУ, а дали и „1944“ ќе ја доживее истата судбина ќе дознаеме наскоро. Победничкиот настап на Џамала на националниот избор во Украина Ве очекува во продолжение.

 



Врати се горе ↑