Аудио Trigger ft H.E.R. novi singl

29 март, 2014

Нов сингл од „Тригер“: Слушнете ја „Нисам та“

Српскиот метал бенд „Тригер“ (Trigger) неодамна го објави својот нов сингл, мрачната гитарска балада насловена „Нисам та“, најавувајќи го  претстојниот албум „Време чуда“, кој ќе одбележи придонес од повеќе музички гости. Во склад со тој концепт, новата песна е снимена заедно со H.E.R. – име позади кое се кријат повеќе пријатели на бендот, обликувана во необичен вокален квартет. Како гости во песната покрај пејачката на Тригер, Милена Бранковиќ, се појавуваат и вокалите Лилјана Здравковиќ од групата „Мед ред“ (Mad Red), Катарина Поповиќ од групата „Етар и Драгана Мијатовиќ од бендот „Хајп“ (Hype).

„Четирите сме блиски пријателки веќе со години, но заедничко ни е и тоа што сме девојки позади микрофонот во бендови кои свират цврста музика. Светот, за жал, и понатаму е груб кога станува збор за тоа. Рок сцената не е поштедена од тоа и кога сте женска личност, а се занимавате со рок музика, потребно е да покажете двојно поголема доза на храброст, квалитет и идеализам, а и да работите двојно повеќе за луѓето да ве сфатат сериозно. На некои тоа не им доволно, па често наидувате на негативни реакции. Оваа песна беше одлична можност да го овековечиме нашето пријателство, но и да го изразиме единството на сила и ранливост кое може да го изрази само женски вокал.“ – објаснува Милена од Тригер за оваа соработка.

Слушателите на бендот веќе имаа можност да ги добијат првите впечатоци за новото издание врз основа на претходните синглови „Не храни људождере“ во кој гостува Дарко Живковиќ од групата „Даунстрој“ (Donwstroy), необичната новогодишна тема „Среќна нова (ноќна мора)“, како и песната „Понор“ – соработка со Милутин Јованчиќ, фронтменот на култната група „Блок аут“. Албумот „Време чуда“ ќе биде трето издание за Тригер, а составот позади себе го има првенчето „Љубав“ кое доби одлични критики и многу награди, како и албумот „Ex“ составен од необични обработки на песни од новиот бран од некогашната југословенска рок сцена. Албумот е најавен за издавачот Miner Records, а Тригер ќе започне да го промовира со настапот на фестивалот Invasion From The East во Нови Сад на 26-ти април.

Песната „Нисам та“ можете да ја преслушате во продолжение.

 



Врати се горе ↑