14 август, 2013

Нов сингл од Кејти Пери: Слушнете ја „Roar“

Како и нејзината колешка Лејди Гага, така и Кејти Пери малку подрани со новиот сингл „Roar“, со кој го најавува нејзиниот четврт студиски албум „Prism“, закажан за 22-ри октомври. Имено, синглот требаше да се појави на 12-ти овој месец, но ја доживеа својата радиска премиера два дена порано. Како што пренесува британскиот  MTV, овие најнови „протекувања“, како и појавувањето на неколку секунди од песната „Applause“, која беше закажана за 19-ти август, ја навеле Гага да изјави дека „ова е премногу за една сабота“ и да ја повика колешката во „војна против хакерите“, па на крајот самата ја објави песната една недела порано.

Пејачката за прв пат ќе го изведе новиот сингл во живо на претстојните музички видео награди на MTV, кои ќе се одржат на 25-ти август во Барклис центарот во Бруклин, Њујорк. На оваа сцена Кејти настапи и во 2008 година изведувајќи го хитот „I Kissed a Girl“, а следната година заедно со Џо Пери (Аеросмит)  ја претстави обработката на песната „We Will Rock You“ од Квин. Добитничка е на четири статуетки, вклучувајќи ја и онаа за Видео запис на годината за хитот „Firework“.

Новиот сингл „Roar“ е претставен во формат на текстуален видео запис во кој песната се „испишува“ на екранот заедно со бројни емотикони, па сето тоа делува како една голема конверзација, а како изгледа сето тоа можете да видите горе.



Врати се горе ↑