Видео maxresdefault_(2)-760x428

20 јануари, 2016

Нов документарец за Мајкл Џексон во режија на Спајк Ли

На 26 февруари годинава, Имотот на Мајкл Џексон и „Сони легаси рекордингс“ ексклузивно ќе објават цеде/дивиди и цеде/блу-реј изданија од револуционерниот албум „Off The Wall“, кој воедно беше и прв соло албум за познатиот крал на поп музиката, пишува во неодамна објавеното соопштение на официјалната веб страна на музичарот. Во пакет со албумот ќе биде и новиот документарен филм насловен „Патешествието на Мајкл Џексон од ’Мотаун’ до ’Off The Wall’“ (Michael Jackson’s Journey from Motown to Off The Wall“, во режија на Спајк Ли. Документарецот својата премиера ќе ја доживее на 24 јануари, на филмскиот фестивал „Санденс“, додека телевизиската премиера на американската мрежа „Шоутајм“ и на интернет е закажана за 5 февруари. По премиерата на „Шоутајм“, филмот ќе се прикажува и низ целиот свет.

„Off The Wall“, издаден на 10 август 1979 година

За албумот

Албумот „Off The Wall“ има навистина огромно значење, како за кариерата на Џексон, така и за целата поп култура до денес. Овој албум, кој Мајкл Џексон го сними на возраст од само 20 години, е една од најголемите причини што придонесоа за неговиот статус на музички гениј и креативен визионер. Особено е важно што со огромниот успех им го отвори патот и на многу афроамерикански уметници, кои со децении се бореа да бидат прифатени од општеството.

 

Првиот сингл од изданието, „Don’t Stop ‘Til You Get Enough“, кој воедно е и првата песна чиј комплетен автор е самиот Џексон, му ја донесе првата награда Греми и првиот број 1 во САД и низ целиот свет, како самостоен уметник. Со сингловите „Rock With You“, „Off The Wall“ и „She’s Out of My Life“, Мајкл стана и првиот соло изведувач во историјата со четири синглови од истиот албум што се најдоа меѓу десетте најдобри на Билбодовата листа. Албумот беше огромен комерцијален успех, а до 2014 година достигна осумкратен платинест тираж во САД и е продаден во преку 30 милиони примероци ширум светот, правејќи го еден од најпродаваните албуми на сите времиња.

Песни на албумот: „Don’t Stop ‘Til You Get Enough“; „Rock With You“, „Workin’ Day and Night“; „Get on the Floor“; „Off the Wall“; „Girlfriend“; „She’s Out of My Life“; „I Can’t Help It“; „It’s the Falling in Love“; „Burn This Disco Out“.

 

За документарниот филм

Овој нов документарец е особено значаен бидејќи опфаќа период од кариерата на Џексон, кој досега бил ретко или површно разгледуван. Режисерот и продуцент на филмот, Спајк Ли, состави голем дел архивски снимки кои вклучуваат и материјали од приватната архива на музичарот, интервјуа со членови од семејството и дел од актуелните музички ѕвезди како што се Фарел Вилијамс, Џон Леџенд, Марк Ронсон и сè попопуларниот Викенд, кого медиумите веќе го нарекуваат „наследник на Мајкл Џексон“. Со овој филм, публиката ќе има уникатна можност да патува низ времето, од почетоците во легендарната издавачка куќа „Mотаун“ до потпишувањето на договорот со „Си-би-ес рекордс“ и историската соработка со легендарниот продуцент Квинси Џонс.

Овој е втор документарен филм за Џексон од Ли, кој претходно, во 2012 година го сними и документарецот по повод 25 години од издавањето на албумот „Bad“, а во 1996 година ги режираше и двата видео записа за темата „They Don’t Care About Us“ (во Рио и во затвор).

И.Ј.



Врати се горе ↑