Свет the-beatles-remastered

31 август, 2013

Нов албум од Битлси?

Како што пренесуваат британските медиуми, есенва можеби ќе биде издаден нов албум од популарната четворка од Ливерпул, легендарните Битлси. Имено, верните фанови на бендот откриле дека MCA Music од Филипините (дел од Universal Music) на својата страница на Фејсбук ветиле нова антологиска колекција со неиздадени снимки од нивните настапи на радиото BBC од средината на шеесетите години. Аматерските детективи од блогот за Битлси WogBlog откриле и датум на издавање, како и фотографија која би била обвивка на изданието. Но, оваа вест не е потврдена ниту од британскиот и американскиот Universal, ниту пак на официјалната страна на Битлси.

Новото издание би било продолжение од антологиската компилација „Live at the BBC“ објавена во 1994 година. Ова двојно цеде на кое се најдоа 56 песни и 13 дијалози од нивните гостувања во радиото,  го достигна врвот на албумската листа во Британија и 3-то место во САД, а го „подготви теренот“ и за следните антологиски колекции објавени во 1995 и 1996 година.

Иако беше емитуван ширум земјата, овој материјал е доста редок. Како што се наведува во блогот, претстојната компилација веројатно е резултат од „Кампањата за архивирање“ која слушателите ја започнаа минатата година, кога BBC побара од публиката да донира домашни снимки од радио и телевизиски емисии.

На 10-ти октомври, BBC Books ќе објави и книга од Кевин Хаулет насловена „The Beatles – The BBC Archives: 1962-1970“ со документирани разговори и необјавени фотографии, опфаќајќи го периодот од врвот на славата, па сè до распадот на групата.



Врати се горе ↑