Свет

22 мај, 2019

Нов албум и холограмска турнеја од Витни Хјустон

Легендарната Витни Хјустон е најновата во низата покојни музички ѕвезди што ќе заминат на постхумна турнеја во форма на холограм, а нејзините љубители ќе можат да очекуваат и нов албум од својата миленичка. Имено, компанијата „Бејс холограм“ (Base Hologram), која застана и зад холограмската турнеја на Ејми Вајнхаус, излезе со соопштение дека се подготвува „воодушевувачки концерт што ќе го слави нејзиниот живот, дело и трајно наследство“. Во него, Хјустон ќе се појави како 3Д-холограм, а нејзините снимени вокали ќе бидат придружувани од бенд во живо.

Снаата на Витни и претседателка на нејзиниот Имот, Пет Хјустон изјави дека „Витни беше горда на нејзиното семејство, а тоа ги вклучуваше и нејзините обожаватели. Таа ја обожуваше својата публика и затоа знаеме дека ќе беше воодушевена од овој холографски концепт“.

Нејзината холограмска турнеја доаѓа по успешниот холограмски проект на Рој Орбисон, кој беше претставен пред публиката во САД и во Европа минатата пролет, а повторно ќе продолжи во октомври, заедно со холограмска верзија на колегата Бади Холи. Исто така, компанијата лани успешно постави на сцена и холограмска турнеја на оперската легенда Марија Калас, а ривалската компанија „Ајлужн“ (Eyellusion) неодамна имаше успех со холограмската турнеја на Френк Запа, па на ред е и турнејата со холограмот на хард-рокерот Рони Џејмс, кој почина во 2010 година.

Плановите на „Бејс холограм“ за турнејата на Вајнхаус беа одложени откако компанијата се соочи со „уникатни предизвици“ во обидот да ја „оживее“ Вајнхаус на „најславенички и најдостоен начин“.

Имотот на Хјустон потпиша договор и со „Прајмери мјузик паблишинг“ (Primary Music Publishing), компанија која ќе продуцира проекти со името на Хјустон, меѓу кои и албум со претходно необјавени песни што не се најдоа на нејзиното првенче од 1985 година, „Whitney Houston“, а во тек се и преговори за бродвејски мјузикл и за шоу во Лас Вегас.

Витни Хјустон почина во 2012 година, кога случајно се удави во кадата заради предозирање со кокаин и лекови. Во разговор со „Њујорк тајмс“, Пет Хјустон рече: „Пред да почине, имаше премногу негативност околу името Витни Хјустон. И повеќе не беше за музиката… изминативе седум години беа мошне тешки, но сега целта е да се има стратегија“. 

Холограмскиот Мајкл Џексон на Билбордовите музички награди во 2014 година

Реакциите на публиката за ваквите проекти и понатаму се поделени, особено кога станува збор за ѕвезди кои починале во нивниот животен век, па на многумина им е морничаво да гледаат холограмски верзии на своите миленици. За други пак, е одлична можност барем малку да го доловат чувството што преовладувало за време на концертите на музичките икони.

Првиот холограмски настап го имаше Тупак на фестивалот „Коачела“ во 2012 година, а во 2014 имавме можност да го гледаме холограмскиот Мајкл Џексон на Билбордовите музички награди. Набрзо потоа беа најавени слични проекти и за Фреди Меркјури, Френк Синатра, Елвис Пресли и рап-легендата Биги, како и за сè уште живи музичари кои сакаат публиката да ги памети во најдоброто издание од нивната кариера.

Витни Хјустон веќе го имаше своето „холограмско деби“ пред три години, кога во музичката емисија „Гласот“ настапи заедно со колешката Кристина Агилера, а како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑