Настани 905f6a2f-173b-4ae9-bc22-58f97c094efc

17 март, 2017

„No Sleep Novi Sad 2017“: Ова се клубовите во кои ќе излегуваме на „Егзит“!

Фамозната бина „No Sleep Novi Sad“ (Ноу Слип Нови Сад) и оваа година секоја ноќ на фестивалот „Егзит“ публиката ќе ја внесува во различен светски клуб! Магијата која ја имаат одредени култни места не ја прават ниту циглите ниту малтерот, туку посебниот дух, богатата историја и програма кои за оваа година внимателно се подготвуваа уште од почетокот на минатата есен. Оваа непогрешлива формула минатото лето и во пракса го покажаа тридеценискиот симбол на Барселона, клубот „Нитса“, берлинската техно институција „Трезор“, како и славниот париски клуб „Конкрит“, чија ноќ на фестивалот беше апсолутно антологиска пред големото финале кое здружено го изведоа „Грел форел“ од Виена и белградската техно катедрала „Драгстор“. Оваа година, во добро познатиот ров зад Арената, од 6 до 9 јули, на список сме за четири нови ноќи без сон!

 

Уште на самиот почеток нѐ очекува голема прослава бидејќи јубилејни 30 години музика без компромис прославува прочуениот Саб клаб“ (Sub Club) од Глазгов! „Најголемиот мал клуб на светот“, како што популарно го нарекуваат, минатата година „Резидент адвајзор“ го прогласи меѓу 12-те најдобри клубови во светот во кој заедно ги организираа журките во месец дена долгата резиденција! Познат по исклучително непосредната атмосфера и специјално проектираниот звук со басови кои избиваат од подот, „Саб клаб“ отсекогаш беше над извиканите имиња како центар на музичката сцена во не толку големиот шкотски град кој прв ги препозна и прослави меѓу другите и „Дафт панк“. Сето тоа би било невозможно без резидентите како што се легендарното дуо „Хари енд Доменик“, чиј „Sub Culture“ се одржува секоја сабота веќе 25 години, што ја прави оваа резиденција најдолговечна на светот! Шкотската подморница подготви специјална посада за оваа прилика која наскоро ќе биде објавена, а ќе заплови на тврдината во четврток 6-ти јули во рамки на „30 Years of Sub Club“ турнејата со која покрај Нови Сад ќе ги опфатат и Лондон, Берлин, Амстердам, Атина, Осло и други дестинации.

Откако во петочната вечер минатата година во живо сведочевме создавање историја со берлинскиот „Трезор“, оваа година дочекуваме уште еден монолитен репрезент на светската техно култура, клубот кој без престан работи скоро две и пол децении – „Фјуз“ (Fuse) од Брисел! Клубот во кој кон средината на 90-тите вртеа Карл Кокс, Лорен Гарние, Свен Ват) и Ричи Хотин, денес го посетуваат новите ѕвезди како што се Псик, Антигон, Франсоа Екс и Бјарки. Иднината е осигурана и со ѕвездената резидент диџејка во вртоглав подем Шарлот Де Вит, која ја продолжува приказната која пред дури 23 години ја започна симболот на овој клуб, легендарниот Пјер. Од истата кујна како и клубот, само година дена подоцна настан и славниот фестивал „I Love Techno“, чии први изведувачи таа 1995 година беа „Дафт панк“, Дејв Кларк и Џеф Милс. На почетокот на веков на сцената стигнаа и славните микс изданија под препознатливата етикета „Fuse“ (Фјуз), која денес е куќата за некои од најбараните техно продуценти.

Уште еден јубилеј ќе биде одбележан на #NSNS кога во сабота на тврдината својата врата ширум ја отвора омилениот лондонски центар на случувањата – „Корзика студиос“ (Corsica Studios)! Епицентарот на уметничкиот живот на британската престолнина го слави својот 15-ти роденден, а домаќин на оваа журка ќе биде беспрекорната организација „Аван гард“ (Avant Garde) која само во изминатите три години во Лондон претстави некои од највозбудливите уметници како што се „Панта ду Принс“ (Pantha Du Prince), „Ројксоп“ (Royksopp), „Модселектор“ (Modeselektor), „Фанкшн“ (Function), „Пачанга бојс“ (Pachanga Boys) и бројни други. И тие знаат дека „Корзика студиос“ е многу повеќе од клуб, кој по мислењето на многумина има воедно и најдобар звучен систем во цел Лондон. Истовремено тој е и културен центар, галерија, креативен хаб и место кое го собира современото уметничко јадро на градот на Темза. Ова место со „направи сам“ филозофијата израсна во вистински феномен и место во кое денес сакаат да настапуваат и Том Јорк, Хот Чип, Џејмс Марфи или „Литл Драгон“. „Рејдиохед“ во „Корзика“ организираат и промоции на албуми, а Џеф Милс токму таму ја одбележа 20-годишнината од својата издавачка куќа „Аксис“ (Axis) во деветчасовен сет по кој, како што тоа го опишува „Пичфорк“ (Pitchfork), „и возрасните луѓе пуштија солзи“!

И финалето на 9 јули ќе биде многу емотивно, бидејќи на тврдината повторно се собира целата фамилија: „Конкрит“ се враќа на EXIT! Откако парижаните минатата година во четиричлен состав дојдоа во „извидница“, ова лето галската експедиција се враќа во двојно поголем број, желна ровот пред себе повторно да го претвори во најпознатиот брод на Сена. Кога „Резидент адвајзор“ летоска го вклучи „Конкрит“ меѓу 12-те најдобри светски клубови, многу уникатната приказна ја наслови со „Како Париз го врати својот грув“. Клубот настана спонтано од едвај-легалните рејв забави на различни локации од кои, по една рација, финалната одлука падна на габаритниот брод со три палуби, закотвен во центарот на Париз. На самиот почеток, пред само 5 години, журките почнуваа во 7 наутро во недела и траеја до 2 часот по полноќ. Потоа беа воведени и други денови, а потоа и целовечерните термини, додека конечно на 8 март годинава градоначалничката на Париз лично го поддржа „Конкрит“ да добие 24-часовна дозвола за работа со што тој е и де факто прогласен за институција од значење за целиот град! Незадржливи во сѐ што прават, Конкритовци имаат и сопствена издавачка куќа, како и сѐ повеќе популарниот фестивал „Ведр“ (Weather), а нивните резиденти денес се веќе етаблирани изведувачи со густо набиени фестивалски календари.

Листата на одбрани изведувачи за секој клуб поединечно ќе биде објавена во следните денови, а по Белград, Барселона и Виена, наскоро ќе биде објавени и првите „Ноу слип“ настани во Лондон и Брисел, но и целосно новото, морско издание на „Ноу слип“ бината на овогодишниот фестивал „Си денс“!



Врати се горе ↑