Концерт 10487441_10152379372739262_3008932599140396156_n

22 септември, 2015

„Њујорк џипси ол старс“ со концерти во Битола и Скопје

Бендот со светско реноме – „Њујорк џипси ол старс“ (New York Gypsy All Stars) доаѓа во Македонија! Во рамките на својата турнеја групата ќе одржи два концерта кај нас – првиот на 29 септември (вторник) во Центарот за култура во Битола, а веќе следниот ден (30 септември, среда) ќе настапи во МКЦ во Скопје.

Предводен од нашиот кларинетист Исмаил Лумановски, бендот го сочинуваат уште Тамер Пинарбаси (канон), Панагиотис Андреу (бас) и Енгин Гунајдин (тапани). Зад себе го имаат првенчето „Romantech“, објавено во 2012 година, а веќе го привршуваат и вториот студиски албум, кој се очекува да излезе наскоро.

 

„Ние го покриваме Балканот мелодично, а светот ритмички и хармонски“, вели Лумановски за музичкиот стил на бендот, додавајќи дека во оригиналните композиции користат многу музички елементи кои се типично балкански ромски стил. „Најважно од сè е тоа како го користиме терминот ’ромски’ во поширока смисла. Го правиме тоа што го направија Ромите патувајќи од Индија до Балканот и Западна Европа и комбинирајќи ги најдобрите музички идеи од секој народ. Ние сме отворени кон светот и едноставно земаме сè што ни се допаѓа и го ставаме во едно.“

Влезниците за концертот во Битола ќе бидат пуштени во продажба од утре, 23 септември, во билетарницата на Центарот за култура по цена од 150 денари, а за концертот во Скопје ќе чинат 250/350 денари.



Врати се горе ↑