Македонија

22 август, 2018

Нино Величковски: Траам толку долго затоа што публиката ми верува!

Нино Величковски, кој важи за еден од најдобрите вокали кај нас, оваа година слави 35-годишен јубилеј, а истиот ќе го одбележи со голем солистички концерт што ќе се одржи во неговиот роден град Куманово и тоа во рамките на 14. Меѓународен тамбурашки фестивал што започнува вечерва. На концертот насловен „Најдоброто од Нино со љубов, песни и вино“, како што најавува Нино, освен што ќе ги испее сите негови хитови, на публиката ќе ѝ подари и нов материјал со кој ќе ја заокружи триипол децениската работа, а специјални гости на спектаклот ќе бидат Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петрески, „Октет Куманово“, „Кумановски тамбураши“ со солистката Сандра Милковска, „ТС Велос“ и „Оркестар Пријатели“.

„Музиката е моја голема љубов. Со задоволство се сеќавам на моите почетоци кои датираат од 1983 година. Тогаш настапував со ’Октет Куманово’, мојата прва песна го носеше името ’Кажи ми Лено душо’ ја напиша Миодраг Божиновски-Миќо и со оваа тема ми се отворија вратите на музичката сцена и го означив почетокот на кариерата. Потоа во 1987 година настапив на ’Валандово-фест’ со темата “Сега веќе е доцна’ како дебитант, а сè после овој настап е историја“, се потсети Величковски.

После само два дена од концертот, во сабота, Нино ќе промовира и нов албум на кој ќе се најдат 35 теми по повод исто толку години кариера.

„На цедето ќе бидат сместени песните кои ја одбележаа мојата кариера досега, но ќе има и неколку нови рефрени кои се дело на Огнен Неделковски и неговиот син, Филип Неделковски, кој е многу талентиран“, додаде Нино кој ќе имаме можност да го чуеме и видиме и на неколку претстојни фестивали.

Инаку, Величковски досега има издадено над 150 песни, а пред да почне да се занимава со музика беше и актер.

„Отсекогаш сум ја сакал сцената. Успеав да истраам толку долго затоа што публиката ми веруваше и сè уште ми верува, а тоа е најважно во оваа професија. Исто така, секогаш со внимание ги бирав соработниците, одржував константа, не се појавував претерано, туку само тогаш кога имав што да кажам. Затоа траам“, заклучи еден од најголемите боеми на домашната народна музичка сцена.

Извор и фотографии: Вечер.прес



Врати се горе ↑