Настани

26 јули, 2018

Нина Кравиц пристигнува на „Грин бич фестивал“

Сѐ е подготвено за најголемиот музички настан во последните 10 години во Струга!

Утре (петок, 27 јули) се одржува најголемиот фестивал на електронската музика во земјава, ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ, кој годинава на новата локација на охридското крајбрежје, во паркот на хотел „Еуротел“, е воедно и најголемиот музички настан во Струга во последните повеќе од 10 години! Гаранцијата дека пред нас е уште едно врвно доживување и моќно издание на омилениот летен настан за фановите на квалитетната електронска музика оваа година доаѓа со привилегијата на ГРИН БИЧ конечно да го погледнеме премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сцена  – НИНА КРАВИЦ (NINA KRAVIZ)! Сибирската „техно-кралица“ е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата и оваа година токму таа имаше и завршни сетови на одбрани фестивали за кои се зборува ширум целата планета.

 

„Грин бич фестивал“ секоја година се одржува со импозантни хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување, па така е и оваа деветта година по ред кога за најголемата журка на препознатливиот грандиозен подиум, лично е задолжена едната, единствена и секогаш уникатна НИНА КРАВИЦ, официјално прогласена и за најдобар диџеј во 2017 година од страна на престижниот „Миксмаг“! Покрај Нина Кравиц, утре имаме чест да ги пречекаме и домашните изведувачи и тоа ДЕЈАН ДЕКС (Dejan Dex), диџејот и продуцент од Битола чии сетови носат мешавина од минималистички ритми, длабоки звуци и апстрактни ефекти и позадини, како и уште еден адут од домашната електронска сцена, македонската техно дива АНА МАЛО (Ana Malo) кои ќе ни се придружат со свој настап на фестивалот!

Влезот за посетителите на фестивалот ќе биде отворен во 21 часот, а почетокот на шестчасовната музичка програма е закажан во 21.30 часот.

За полесно пристигнување на посетителите кои се сместени во Охрид и со пораката за безбедно возење без алкохол, за време на одржувањето на настанот, во партнерство со „Класик компани“ како официјален превозник на „Грин бич организиран е и превоз на релација Охрид – Струга, кој ќе се одвива на секои 15 минути од 22.00 до 05.00 часот со билети кои ќе чинат 50 денари во еден правец.

Важна информација за оние кои допрва ќе ги купуваат билетите за „Грин бич фестивал“ е дека по распродажбата на двата промотивни контингенти, ќе се менува и актуелната цена на билетите од 650 денари (ВИП билет: 1.000 ден.) кои ќе бидат достапни до утревечера нивната цена во петок вечерта на билетарниците на влезот на фестивалот ќе изнесува 800 денари (ВИП билет: 1.200 ден.). Сите типови на билети се продаваат во продажната мрежа на МкТикетс низ Македонија, но и онлајн на овој линк.



Врати се горе ↑