Свет

24 јануари, 2019

Никој не сака да ја облече Биби Рекса за „Греми 2019“?

„Конечно добив номинација за Греми, но не можам да најдам ниту еден моден дизајнер што ќе креира за мене“, вели младата американска пејачка Биби Рекса, додавајќи дека ја одбиле бидејќи била „премногу голема“. 29-годишната ѕвезда со албанско потекло, чии родители се родум од Дебар и Гостивар, објави кусо видео на социјалните мрежи и ги искритикува модните дизајнери дека ги дискриминираат сите што се покрупни од манекенките.

„Ако не ви се допаѓа мојот моден стил или мојата музика, тоа е едно, но друго е да речете дека не можете да облечете некого што не носи големина како од модните писти. Ние сме убави во секоја големина!“, напиша таа во описот на видеото. „Ако големина 6/8 е преголема за вас, не знам што да ви кажам, освен дека не ни сакам да ги носам вашите е*ени фустани“, порача таа.

Непосредно по објавувањето на видеото, стигнаа поддршки од повеќе колеги од музичката сцена, меѓу кои Деми Ловато и Ни-Јо, а почнаа да стигнуваат и понуди од дизајнери кои би сакале да креираат фустан за неа.

„Биби, пријатели сме веќе долго време, тука сум за тебе! Јави ми се“, напиша американскиот моден креатор Мајкл Костело, а неговиот колега Кристијан Сиријано додаде дека ја облекувал Биби и порано, па со задоволство ќе го направи тоа и сега.

Во чија креација ќе прошета на црвениот килим на 61. доделување на престижните златни грамофони ќе дознаеме на 10 февруари. Таа е номинирана во категоријата за најдобар нов уметник, која се смета за една од четирите главни категории (заедно со песна, снимка и албум на годината), како и во категоријата за најдобра изведба од кантри-дуо или група за хитот „Meant To Be“ со „Флорида Џорџа лајн“.



Врати се горе ↑