Концерт

9 февруари, 2017

Ник Кејв на 28 октомври во Белград

Една од највпечатливите појави на светската музичка сцена, ценетиот автор и изведувач Ник Кејв со својот бенд „Бед сидс“, на 28 октомври ќе настапи во белградската „Комбанк арена“. Групата доаѓа во српската престолнина во рамките на својата светска турнеја, на која го промовира албумот „Skeleton Tree“, издание кое „Гардијан“ го опиша како „ремек дело на љубовта и разорувањето“. 

Претходниот настап на Кејв и неговиот бенд во Белград беше прогласен за најдобар концерт за 2008 година во Србија, а воедно и еден од најдолгите концерти на овој музичар, кој траел речиси 150 минути.

Материјалот од новиот албум е работен во периодот кога Кејв го изгуби својот син и објавен е ден после премиерата на документарниот филм на новозеландскиот режисер Ендру Доминик, One More Time With Feeling, кој сведочи за страдањето и траумите на музичарот.

„Skeleton Tree“ се најде на првото место во осум земји, а на бендот му ги донесе и највисоките позиции досега на британската (2. место) и американската листа (Билборд: 27. место).

Ник Кејв доаѓа во Белград со својот долгогодишен соработник, текстописецот Ворен Елис, како и со бендот составен од Мартин Кејси, Томас Вајдлер, Џим Склавунос, Конвеј Севиџ, Џорџ Вјештица и Лери Мулинс. Продажбата на влезници за белградскиот концерт ќе започне во петок, 17 февруари.

 



Врати се горе ↑