Видео

15 декември, 2017

Ник Џонас ја екранизираше песната номинирана за Златен глобус

Пред само неколку дена беа објавени номинациите за јубилејното, 75. по ред доделување на златните глобуси, а никој не беше поизненаден што добил номинација од Ник Џонас. Едната третина од некогашното братско трио „Џонас брадрс“ годинава за првпат е во трка за престижната статуетка во категоријата „Најдобра оригинална песна“, каде што е номиниран за темата „Home“ од анимираниот филм „Фердинанд“.

„Навистина немам зборови за оваа неверојатна чест! Му благодарам на моето семејство за инспирацијата, и на Џастин Трантер што ја напиша оваа песна заедно со мене, а Ник Џонсон и Ник Пауел, ви благодарам за брилијантната продукција на песната“, напиша Џонас, споделувајќи ја среќната вест на Твитер.

нј

25-годишниот музичар во оваа категорија се натпреварува со мошне големи имиња од музичката сцена, меѓу кои поп-дивите Мараја Кери и Мери Џеј Блајџ, а дали во својата колекција со награди ќе додаде и еден златен глобус ќе дознаеме на 7 јануари.

Темата „Home“ деновиве ја доби и својата официјална екранизација, во која Ник пее и свири сам среде празен ринг, додека повремено се прикажуваат сцени од самиот анимиран филм, a како изгледа сето тоа можете да видите во продолжение.

 

Инаку, „Фердинанд“, кој и самиот доби номинација за најдобар анимиран филм, штотуку ја доживеа својата американска премиера, а наскоро се очекува да пристигне и во кино-салите ширум светот. Оваа адаптација на детската книга „Приказната за Фердинанд“ од американскиот автор Манро Лиф е во режија на Карлос Салдања, а своите гласови за ликовите ги позајмија спортските легенди Џон Сена (Фердинанд) и Пејтон Менинг, актерите Кејт Мекинон, Ентони Андерсон и Џина Родригез, колумбиската музичка ѕвезда Хуанес и многу други.



Врати се горе ↑