16 јули, 2016

Незаборавен ден на отворањето на шестиот „Д фестивал“!

Шестото издание на единствениот музички фестивал на отворено кај нас, „Д фестивал“ во Дојран синоќа беше официјално отворено и тоа во извонредна и позитивна атмосфера која ја приредија илјадниците посетители и придонесоа оваа вечер да ја запаметиме како една од најпосетените на фестивалот досега (видео горе).

b15efde3-6c56-40f4-a6d5-3eca5ae4bbce

Фестивалскиот камп на „Д фестивал“ почна да се исполнува уште во четвртокот, ден пред почетокот на фестивалот, а токму тука беа и првите активности од годинашната програма на возбудливиот фестивалски викенд кој се одржува до 17 јули во Дојран. Вчерашниот ден во кампот помина во знакот на отворањето на „ПлоштАРТ“ и креативната зона каде што се одвиваат бројните изложби, работилници, проекции, натпревари, дебати и перформанси, а за кои се задолжени повеќе 100 гости учесници во овој дел од програмата на „Д фестивал“.

Додека дел од фестивалските кампери се запознаваа со активностите кои ќе ги очекуваат во наредните дена на „Д фестивал“, со настапот на ЕЛЕНА ХРИСТОВА во магичниот амбиент на „Црковната сцена“ (Church Stage) започна тридневниот музички маратон во чии рамки нѐ очекуваат концерти на повеќе од 60 изведувачи, на вкупно пет фестивалски бини.

e288dfea-cfd5-4b38-a2c9-784f41fc805c

Фестивалот свечено беше прогласен за отворен за време на вечерната програма на главната бина и тоа од страна на специјалниот гостин на „Д фестивал“, Александар Матовски – Цако, кој ја поздрави публиката од главната бина, пред истата да ја преземат музичките ѕвезди на вечерта „ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ“! Доволен беше само воведниот такт од настапот на „Дубиоза колектив“ за да настане вистинска еуфорија на подиумот пред главната бина.

Но возбудувањето оваа вечер започна уште со претходните исклучително енергични настапи на гостите од Велика Британија, легендарните „ДАБ ПИСТОЛС“ и „ТОЈ ДОЛС“, како и претставниците на домашната сцена „СЕТСТАТ“ со Мирко Попов и „Хипнотајзд“.

da07d5f1-c69e-4f05-850e-c425d296a697

Иако се чинеше дека извонредната атмосфера веќе го достигна својот максимум, во завршницата на вечерта таа кулминираше дополнително кога зад диџеј пултот се појави еден од хедлајнерите на „Д фестивал“, Греми наградуваниот диџеј над диџеите, РОЏЕР САНЧЕЗ, и целосно го освои подиумот на главната бина со неговиот сет кој траеше до зазорување. За сето тоа време, на само неколку чекори од главната бина паралелно се одвиваа настапите на новото фестивалско изненадување – бината „Лејк ауејк“ посветена на електронската музика, со која пак музичката програма на „Д фестивал“ трае сѐ до утро и 72 часа без престан. Саботното утро на оваа бина го дочекавме со настапите на диџеите на „ТЕЧНА КУЈНА“ и „Ди-ту“ (D2) колективите, кои беа задолжени за програмата на првата фестивалска вечер. Оттука, официјалната завршница на фестивалскиот ден повторно како и лани беше омилената бина за дочекување на новиот ден покрај самиот брег на Дојранското езеро – бината „Браво Дојран“.

e6329b1c-d2e9-4972-bf80-b75168709d2b

А по само неколку часа веќе започнаа и активностите од вториот фестивалски ден, па утрово кампот беше резервиран за спортските активности, а веќе од 12.30 часот продолжува музичката програма со настапот на „ЉУБОЈНА“ и поетско-музичкиот перформанс „ИГЛА И КОНЕЦ“ во „Црковната сцена“! Покрај нив, денешната програма ќе ја одбележат настапите на „ФОЛТИН“, „ХЛАДНО ПИВО“, „ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ“, „КОНКЕРИНГ ЛАЈОН“, „ГРЕЈТЕСТ БИТС“ со диџеј ГОЦЕ и диџеј ЧВАРЕ, МКДСЛ, „РЕД СТЕП“, „ПАРКЕТИ“, „САМОСТАЛНИ РЕФЕРЕНТИ“ и уште многу многу други.

Влезниците се достапни на фестивалските билетарници!
Еднодневните влезници за „Д фестивал“ се достапни на фестивалските билетарници во Дојран по цена од 400 денари за вечерната музичка програма и 200 денари за програмата во кампот. Продажбата на билетите и нивната замена за соодветна фестивалска нараквица се спроведува во Туристичкиот информативен центар пред фестивалскиот камп од 10.00 до 01.00 часот, како и на билетарницата пред главната бина на паркингот „Гранит“ од 19.00 до 03.00 часот.

Сите информации за влезниците се достапни на овој линк.

ПРОГРАМА И РАСПОРЕД НА НАСТАПИ: dfestival.mk/line-up/raspored/



Врати се горе ↑