Свет B6YcnMpIMAAxsmD

8 јануари, 2015

Невообичаените соработки даваат најинтересни резултати: Канје Вест и Пол Макартни

Мешањето на различни музички жанрови и соработките на музичари со различни стилови отсекогаш предизвикувале особен интерес кај слушателите, но во ерата на социјалните мрежи ситуацијата може да биде уште поинтересна. Имено, уште во август минатата година беше најавена соработката меѓу познатиот американски рапер и продуцент Канје Вест и легендарниот британски музичар и поранешен член на „Битлси“, Пол Макартни. Иако, според првичните информации, нивната заедничка тема требаше да го носи насловот „Piss On My Grave“, сепак резултатот од соработката е емотивната балада „Only You“, во која раперот пее за неговата ќерка и починатата мајка.

Интересно е тоа што по објавувањето на оваа невообичаена соработка, твитерџиите решија да се пошегуваат со фановите на „Битлси“, објавувајќи коментари како што се: „Не знам кој е овој Пол Макартни, но Канје му направи кариера со оваа песна!“ или „Канје има уво за таленти. Овој Пол Макартни ќе биде многу популарен“.

Не сфаќајќи дека се шегуваат, фановите на легендарната група реагирале со остри, па и злобни коментари, на кои им било возвратено со уште повеќе шеги: „Ајде бре луѓе, сето тоа беше шега и отидовте предалеку. Јас ги сакам ’Битлси’, Пол Макартни, Ринго Стар, Џеј Лено и тој другиот“, а друг додал: „Ве молам оставете ме на мира, ги сакам ’Битлси’, ’Smells Like Teen Spirit’ е една од моите омилени песни! Не ми велете дека не ја познавам музиката!“

Како што пренесува „Форбс“, оваа балада, чија мелодија е дело на Макартни (кој свири и на клавијатури), е само една од 9-те песни кои музичарите ги снимиле во септември минатата година. Во неодамнешно интервју за „Билборд“, раперот Тај Дола Сајн, кој соработувал со Канје, изјавил дека бил присутен за време на снимањето и дека ги отпеал и придружните вокали. Тој исто така додал дека Вест и Макартни соработувале и со Ријана, а нивната заедничка песна би можела да биде објавена наскоро.

 



Врати се горе ↑