Настани pet-shop-boys-exit

9 јуни, 2014

Невиден мултимедијален спектакл на отворањето на Егзит со Пет Шоп Бојс

Во чест на отворањето на најдобриот европски фестивал, ЕГЗИТ подготви аудио-визуелен спектакл каков до сега не е виден на овие простори, со легендарните „ПЕТ ШОП БОЈС“ (Pet Shop Boys) во главна улога, кој го потпишува светската уметница Ес Девлин, прочуена по церемонијалното затворање на Олимпијадата во Лондон во 2012 година, но и по дизајнирањето на турнеите на најголемите светски ѕвезди, како што се  Канје Вест, „Мјуз“, Лејди Гага, Шакира, Мајли Сајрус и други.

Церемонијата за отворање на најдобриот европски фестивал ќе биде одржана на главната бина на ЕГЗИТ во четврток на 10 јули, на 158-миот роденден на Никола Тесла и ќе биде посветена на еден од најголемите светски гении. Во темата на церемонијата за отворање совршено ќе се вклопи спектакуларниот мултимедијален перформанс на „ПЕТ ШОП БОЈС“ насловен „Electric“, како што е и името на нивниот најнов албум. Овој своевиден мјузикл претставува единствен спој на моќна сценографија, театар, филм, музика, ласерско шоу, екстравагантна костимографија, оригинална танцова кореографија и изобилство од одлични хитови.

 

Поп гигантите „Пет Шоп Бојс“, со повеќе од 50 милиони продадени плочи, се дел и од Гинисовата книга на рекорди како најуспешно дуо во историјата на британската музика. Во досегашната кариера снимија дванаесет студиски албуми, номинирани се за шест „Греми“ награди и добитници се на повеќе од дваесет музички награди, меѓу кои и три „Брит“ награди. Нивните хитови It’s a Sin“, „West End Girls“, „Go West“, „Heart“, Paninaro“, „Domino Dancing“, „Always On My Mind или Se A Vida E извршија влијание врз генерации музички поклоници и и’ дадоа посебна нијанса на поп музиката која и понатаму ја краси.

Реномираните британски списанија „Телеграф“ и „Гардијан“ го оценија новиот албум и настап на легендарниот состав со максимални пет ѕвездички, наведувајќи дека е во прашање „театарски поп на новата генерација“ и дека „’Пет Шоп Бојс’ повторно истапуваат чекор напред, кон своите синтисајзери храбро додавајќи го рувото на новото, дигитално време“. Самиот албум го достигна врвот на официјалната британска топ листа, една од најважните музички листи на светот.

 

Незаборавен настап имаа и во 2012 година на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Лондон, зад чиј дизајн се потпиша токму Ес Девлин. Оваа уметница е повеќеструко наградувана костимографка, со огромно искуство и проекти во широк спектар  на аудио-визуелната уметност – опера, танц, филм, театар, телевизија и концерти. Исто така има соработувано и со најголемите поп, рок и рап изведувачи, а листата на ѕвезди со кои соработувала, покрај „Пет Шоп Бојс“, ги опфаќа и имињата како Канје Вест, „Мјуз“, Лејди Гага, Шакира, Мајли Сајрус, Лени Кравиц, „Голдфрап“, „Тејк Дет“…

Секаде ширум светот одлично оценетиот албум „Electric“ претставува враќање на „Пет Шоп Бојс“ кон денс музиката и најдобра порака до младите состави кои денес свират денс електронска музика – не е се само во битовите! Нивните мелодии се незаборавни, нивните текстови духовити, емотивни и племенити, а целото шоу е поставено како победа на духот и интелектот над разните грди нешта во животот. Истите вредности кои и ЕГЗИТ ги промовира сите овие години. За што станува збор, можете да погледнете на овој линк.



Врати се горе ↑