Балкан

13 април, 2019

Невена Божовиќ со акустична верзија на евровизиската „Круна“

Српската евровизиска претставничка за „Евровизија 2019“, талентираната Невена Божовиќ ја претстави акустичната верзија на својата песна „Круна“, на која се потпишува и како авторка на музиката и стиховите, додека аранжманот е на нашиот Дарко Димитров. Пејачката го освои билетот за Тел Авив со победата на годинашното издание на фестивалот „Беовизија, кој беше возобновен минатата година, а во Израел ќе се натпреварува во рамките на првата полуфинална вечер на 14 мај.

Божовиќ е една од петте претстаници на годинашниот фестивал кои и претходно ги бранеле боите на своите земји. Нејзиното прво евровизиско искуство беше на детскиот Евросонг во 2007 година, а потоа и на „возрасната“, односно стандардната верзија во 2013, како дел од триото „Моје 3“.

Со акустичната верзија на „Круна“, Невена ги откри и придружните вокали што ќе ја поддржат во Тел Авив, секој од нив со богато евровизиско искуство. Станува збор за Душан Алагиќ, Олга Поповиќ, Ивана Владовиќ и Младен Лукиќ.

Композиторот и продуцент Душан Алагиќ беше дел од српскиот евровизиски тим во 2012 година во Баку, како пијанист, гитарист и придружен вокалист на Жељко Јоксимовиќ, продуцирал и две песни за детскиот Евросонг, а ги напишал стиховите за „Too Deep“, со која Тијана Богичевиќ ја претставуваше Србија во 2017. Како придружна вокалистка за Јоксимовиќ во 2012 пееше и Олга Поповиќ.

Евровизиски ветеран е и Ивана Владовиќ, настапувајќи на евровизиската сцена двапати, како придружна вокалистка на црногорските претставници Кнез (2015) и Вања Радовановиќ (2018), а годинава се натпреваруваше и на „Беовизија“ како дел од групата „Вондер стрингс“. Најпознат за евровизиската публика сигурно ќе биде Младен Лукиќ, кој минатата година беше водечкиот вокал во групата „Балканика“ на Сања Илиќ, кои боите на Србија ги бранеа со темата „Нова деца“.

„Круна“ наскоро ќе добие и официјално видео, а како звучи во акустична варијанта дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑