Балкан

4 март, 2019

Невена Божовиќ ќе ја претставува Србија на „Евровизија 2019“ со „Круна“

Со темата „Круна“, младата српска пејачка Невена Божовиќ вчера триуфираше на финалето на годинашниот фестивал „Беовизија“, освојувајќи го и билетот за Тел Авив, каде што на 14 мај ќе ја претставува Србија. Божовиќ се потпишува и како авторка на музиката и стиховите, а аранжер и продуцент е нашиот Дарко Димитров, кој втора година со ред е дел од авторскиот тим на Македонија и на Србија.

Невена се натпреваруваше на „Беовизија 2019“ заедно со уште 23 колеги, кои беа распоредени во две полуфинални вечери, а само половината од нив, односно најдобрите 12 продолжија во вчерашното финале. Нејзината „Круна“ го освои првото место од жиријата, додека според гласовите од публиката беше трета.

Русокосата пејачка, чиј идол е нашиот Тоше Проески, веќе има настапувано на „Евровизија“, кога во 2013 боите на Србија ги бранеше со темата Љубав је свуда“, како дел од триото „Моје 3“. Талентираната кантавторка во Тел Авив ќе настапи во првата полуфинална вечер на 14 мај, а се надеваме и во големото финале на 18 мај. Како звучи нејзината „Круна“ дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑