Видео

11 мај, 2019

Нешо го промовираше новиот албум и дуетот со Валери – „Ќе биде“

Во пивницата „Паб“ во Велес вчера се одржа промоцијата на првиот соло-албум на велешкиот рапер Нешо, а покрај изданието насловено „Балканизам“, беше промовирано и видеото за новиот сингл „Ќе биде“, снимен во дует со колешката и сограѓанка Валери Димовска. Исто како во насловната тема од албумот, музичарот и овде го отслика нашето тмурно секојдневие, истовремено потсетувајќи нè и на нашиот вечен оптимизам дека надежта последна умира и дека со мотив, работа и истрајност „ќе биде“!

Со стихови од самиот Ненад Ставровски (Нешо) и од продуцентот на целото издание, Темелко Андреев, песната е збогатена со гитарата на Оливер Тевчев и визуелно засилена со тешки, но и успешни приказни за инспиративните личности кои секојдневно со нови сили ги надминуваат препреките, како што се ракометарот Столе Стоилов и ликовната уметница и поетеса Розе Мојсовска, која слика прекрасни слики со уста.

Покрај насловната тема и „Ќе биде“, на „Балканизам“ се сместени и соработки со матичната екипа „Авторизација“, со диџеј Попај, Кацар, Кискин, Бојан, Влади Ортографија и со Темелко Андреев или Авторот, кој се погрижи за музиката и за комплетната продукција на изданието.

За ова одлично првенче на Нешо доаѓаат само пофални зборови од сите страни и веќе јасно е дека целата велешка екипа допрва уште повеќе ќе ја освојува нашата музичка сцена, а како изгледа и звучи дуетот со Валери за „Ќе биде“, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑