Свет gesc

6 март, 2015

Неочекуван пресврт во евровизискиот избор на Германија

Како што се наближува крајниот рок за објавување на песните со кои 40-те земји учеснички ќе се натпреваруваат на годинешниот избор за песна на Евровизија, објавени се скоро сите композиции што ќе ги слушнеме на 19, 21 и 23 мај во Виена, Австрија. Со оглед на тоа што скандалите и неочекуваните пресврти не им се непознати на евровизиските натпревари низ годините, по ненадејното повлекување на албанската песна, вниманието на евровизиската публика денеска е насочено кон синоќешниот избор во Германија.

Имено, на вчерашната манифестација, во чии рамки се натпреваруваа 8 изведувачи, најголем број гласови доби Андреас Кумерт, но музичарот одлучил дека не е подготвен да се соочи со интернационалната публика на Евровизија, така што боите на Германија ќе ги брани 24-годишната Ан Софи со темата насловена „Black Smoke“, чија изведба Ве очекува во продолжение.

 

Што се однесува на останатите песни, веќе имавте можност да ги слушнете песните на Холандија, „Воините“ на Малта и Грузија,  Белорусија, Франција, Швајцарија и Кипар, а во изминатиов период беа објавени и темите на Србија, Грција, Словенија, Италија, Шпанија, Унгарија, Молдавија, Финска, Ирска, Естонија, Летонија, Литванија, Данска и Исланд.

Нашиот северен сосед годинава ќе ја испрати 28-годишната Бојана Стаменов, која е најпозната по учеството и освоеното четврто место во третата сезона од натпреварот „Јас имам талент“. Таа ќе се натпреварува во вториот дел од првата полуфинална вечер, кога ќе ја отпее темата „Цео свет је мој“, чии автори се Владимир Граиќ (музика и аранжман) и Леонтина Вукомановиќ (текст). Како звучи сето тоа слушнете во продолжение.

 

Боите на нашиот јужен сосед ќе ги брани 31-годишната Марија Елени Киријаку, која ќе се натпреварува со песната „One Last Breath“. Пејачката со потекло од Кипар е позната и по победата во првата сезона од грчката верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), под менторство на Деспина Ванди. Нејзината евровизиска песна, која ќе ја слушнеме во првата половина од првата полуфинална вечер, Ве очекува во продолжение.

 

Групата „Мараја“ со песната „Here For You“ во втората полуфинална вечер ќе се обиде да обезбеди пласман во финалето за Словенија. Дуото составено од брачната двојка Марјетка и Алеш Вовк е формирано во 2014 година, а поседува и приватно музичко училиште во кое подучува млади музички таленти. Музичарите се потпишуваат и како автори на евровизиската песна, а интересно е тоа што коавтор на текстот е и американскиот текстописец Чарли Менсон, кој пишувал стихови и за познати имиња како што се Мајли Сајрус и Ешли Тисдејл, како и минатогодишната победничка тема на Кончита Вурст, „Rise Like a Phoenix“. Како звучи „Here For You“ можете да слушнете во продолжение.

 

Победник на јубилејното 65. издание на познатиот фестивал „Сан Ремо“, а воедно и евровизиски претставник за Италија, е триото „Ил воло“, кое боите на својата земја ќе ги брани со темата Grande amore. Оперската поп група е составена од тенорите Пјеро Бароне и Игнацио Боскето и баритонот Џанлука Џинобле, а нивната прекрасна канцона слушнете ја во продолжение.

 

„Amanecer“ е насловот на песната со која 29-годишната Едурне ќе ги брани боите на Шпанија. Познатата пејачка, која во 2005 година се прослави со учеството на шпанската верзија на натпреварот „Операција триумф“, ќе настапи директно во финалето, а како звучи нејзината песна слушнете во продолжение.

 

28-годишната Богларка Чемер, која настапува под името Буги, е годинешната претставничка на Унгарија. Со баладата насловена „Wars For Nothing“, пејачката порачува дека сите заслужуваме да живееме во мир.

 

22-годишниот Едуард Едуардович Романјута веќе 3 пати се обидувал да добие можност да ги брани боите на родната Украина, но среќата му се насмевна дури годинава, кога конечно ќе запее на евровизиската сцена, но како претставник на Молдавија.

 

Панк-рок групата „Перти Курикан нимипаиват“ (во превод: Именденот на Перти Курикан)во која членуваат лица со пречки во развојот, ќе ги брани боите на Финска. Групата е позната и по тоа што беше во фокусот на документарниот филм „Панк синдромот“, кој освои повеќе домашни и странски филмски награди. Нивната песна Aina mun pitää“ (Секогаш морам да), која трае само 1 минута и 25 секунди, влезе во евровизиската историја како најкратката песна изведена на овој натпревар, соборувајќи го рекордот кој досега го држеше темата „All“, која трае минута и 52 секунди и со која Патриша Бредин ги бранеше боите на Обединетото Кралство во 1957 година. Како звучи финската евровизиска песна за годинава слушнете во продолжение.

 

Најмладата учесничка годинава е ирската претставничка Моли Стерлинг, која има само 16 години. Младата музичарка се потпишува и како автор на темата „Playing With Numbers“, која ја напиша заедно со Грег Френч. Таа учествувала во повеќе музички наптревари во Ирска, а се прославила со учеството и победата на тинејџерскиот „Идол“ во 2011 година. Нејзината песна Ве очекува во продолжение.

 

Со авторска композиција ќе се претстави и 22-годишната Амината, која во Виена ќе ја претставува Летонија. Младата музичарка ќе ја отпее песната „Love Injected“, а како звучи сето тоа слушнете во продолжение.

 

Елина Борн и Стиг Раста се годинешните претставници на Естонија, кои во дует ќе ја отпеат темата „Goodbye To Yesterday“. Елина се прославила со учества во повеќе музички натпревари, меѓу кои и „Поп идол“, каде што го освои второто место, а веќе неколку години соработува со Стиг, кој се потпишал како автор на голем дел од нејзините песни. Нивната песна била очигледен фаворит на публиката, искачувајќи се на врвот на сите топ листи во земјата. Како звучи нивниот дует слушнете во продолжение.

 

Дуетска композиција победи и на националниот избор во Литванија, а темата „This Time“ ќе ја отпеат Моника Линките и Вајдас Баумила. Како и повеќето учесници на Евровизија, така и Моника и Вајдас се прославиле со учества во музички натпревари, а нивниот дует Ве очекува во продолжение.

 

Групата „Енти соушл мидија“ (Anti Social Media), пак, ќе ги брани боите на Данска со песната насловена „The Way You Are“.

 

21-годишната Марија Олафс е годинешната преставничка на Исланд. Таа ќе се натпреварува со песната „Unbroken“, која можете да ја слушнете во продолжение.

 

Покрај овие композиции, наскоро би требало да ги слушнеме и песните на Ерменија, Белгија, Романија, Русија, Република Чешка, Црна Гора, Норвешка, Португалија, Сан Марино, Азербејџан, Полска, Шведска, Австралија, Австрија, Израел и Велика Британија, односно Обединетото Кралство, како и новата песна за Албанија.

Ерменија за свој претставник ќе ја прати супер-групата „Џенеалоџи“ (Genealogy), која ќе настапи со темата „Don’t Deny“, а композицијата на белгискиот претставник Лоик Ноте ќе биде објавена деновиве. Романија својот претставник ќе го одбере на 8 март, сè уште нема никакви информации за Русија, а дуетот на Марија Јандова и Вацлав Ноид Барта, кои ќе ги бранат боите на Република Чешка, ќе биде објавен наскоро.

Веќе е познато дека Црна Гора годинава ќе го прати популарниот пејач Кнез, чија песна ќе ја потпише еден од најпознатите балкански пејачи со најголемо евровизиско искуство, Жељко Јоксимовиќ. Плодовите од оваа соработка ќе ги слушнеме во текот на месецов. За Израел е познато дека песната ќе го носи насловот „Golden Boy“ и ќе ја отпее 16-годишниот Надав Жеџ (Nadav Guedj), а Австралија, која годинава се вклучува во натпреварот по повод јубилејот од 60 години, ќе ја претставува младиот пејач Гај Себастијан. Останатите земји своите претставници ќе ги одберат најдоцна до 14 март.

И.Ј.



Врати се горе ↑