24 октомври, 2014

Нема правда за босанскиот состав „Реџина“; погледнете го „Калимеро“

На почетокот на месецов, босанскиот состав Реџина го објави својот нов сингл и видео запис насловен „Калимеро“, алудирајќи на ликот познат како жртва на неправдата. На изненадување на фановите, овој сингл се бави со општествените теми и турбулентните промени во XXI век, па веќе во декември ќе следи продолжение, односно песната „Затупи, заглупи“, пренесува босански „Аваз“.

„’Калимеро’ е нешто сосема поинакво од она што сме го работеле до сега. Тоа е прв пат во кариерата да не станува збор за љубовна песна и да пееме за лудото време во кое живееме. Синглот ’Затупи, заглупи’, за кој ќе снимиме и видео запис, е логично продолжение на ’Калимеро’, а со тие теми ќе се занимаваме уште некое време. Осетивме потреба да пееме за тоа, па кој ќе нè разбере, добро, а кој не, нема врска. Животот нè натерал на тоа“, објаснува за „Аваз“ фронтменот на бендот, Александар Ацо Човиќ.

Последниот сингл е снимен и на руски јазик и тоа ќе биде првиот посериозен чекор кон публиката која ја придобиле како претставници на Евросонг во 2009 година: „Агенцијата која нè застапува во Русија, деновиве подготвува и видео запис за тој голем пазар кој нè запознал со ’Бистра вода’“, додал Човиќ, а како изгледа и звучи „Калимеро“ можете да погледнете горе.

Извор: avaz.ba

 



Врати се горе ↑