Македонија 17201414_10154376683722544_8734458563983351381_n

8 март, 2017

Нема пауза за ДНК!

Ако некој од македонската музичка сцена работи нон-стоп, тоа се сигурно Андреј и Панчо! За момците од популарното ар-ен-би дуо ДНК очигледно нема време за пауза, а доказ за тоа е и фактот што покрај подготовките за претстојниот роденденски концерт, тие сепак наоѓаат време да ги екранизираат речиси сите песни од актуелниот албум „Еден ден“.

Од вкупно 12-те песни сместени на ова издание, уште само 3 немаат свој видео запис, но тоа наскоро ќе се промени. После екранизациите на хитови како што се „Она е од Шутка“, „Само таа знае како“, „Север и југ“, „Најмила“, „Стојам сам“, „Јас и ти“, „Ѕвер“, „Некој друг“ и апсолутниот радиски хит за 2015 година, „Фрази љубовни“ со Тамара, како и аеродромската химна и дуетот со Теа (Рушевини), на ред дојде и насловната тема од албумот „Уште еден ден“.

панчо уште еден ден

За оваа емотивна балада, која Панчо ја посвети на неговата прерано почината мајка, деновиве се снима видео запис, а познатиот музичар и диџеј објави неколку фотографии од снимањето што се одвиваше во Марков манастир.

„Да бидеш уште еден ден крај мене, да можам би го вратил цело време, тебе да те гледам, да те слушам, да ме допреш, да ми згрееш душа…“, пее Панчо, кој се потпишува и како автор на стиховите, а за музиката му помогна долгогодишниот соработник и продуцент Лазар Цветкоски. Каква визуализација ќе добие оваа прекрасна балада ќе дознаеме наскоро.

панчо2

 

Само за потсетување, големиот роденденски концерт на ДНК е закажан за 12 мај во арената „Метрополис“, а целиот настан ќе биде збогатен и со гостувања на голем дел од нивните колеги, пријатели и соработници. Влезниците се веќе пуштени во продажба.

И.Ј.



Врати се горе ↑