Балкан Hulahoop promo 02

9 април, 2015

Нема одмор за актуелните победници на „Јелен демофест“

Додека пред новото жири на „Јелен демофест“ стои досега најобемната задача – преслушување на песните од 461 демо бенд, колку што се пријавија на годинешниот конкурс, актуелните победници на фестивалот, словенечките состави „Хулахуп“ (Hulahoop) и „Лоу пик Чарли“ (Low peak Charlie), како и „Панкарт“ (Punkart) од БиХ, посветено и вредно работат на своите нови песни, видео записи, договарања на концерти и многу други нешта.

„Од нашиот настап на ’Јелен демофест’ го создадовме албумот ’The Best Of’, кој конечно е завршен! Како што повеќе пати нагласивме, да не беше ’Јелен демофест’, овој албум немаше да биде завршен уште долго време. Сега следуваат концерти и промоции, за кои се надеваме дека ќе направат уште поголем пробив на сцената и ќе ја засилат препознатливоста на бендот ’Хулахуп’ во регионот“, вели Анже Бурја, тапанар на победничкиот состав од Камник, додавајќи дека наскоро ќе се снима и видео запис во продукција на Ем-ти-ви, што е уште еден дел од наградата за освоеното прво место на седмиот ’Јелен демофест’.

„Хулахуп“ (Hulahoop)

Информацијата дека на обвивката на нивниот нов албум ќе се најдат и магнети, зборува за тоа дека изданието ќе биде посебно и квалитетно, не само во музичка, туку и во визуелна смисла.

„Кога се качуваме на бина, без разлика дали станува збор за мал клуб или фестивал со повеќе илјади посетители, нашиот рецепт останува ист – свириме најдобро што можеме и уживаме во тоа што го работиме. Тоа луѓето го забележуваат, чувствуваат и уживаат во концертот. Публиката во Бања Лука е одлична и ние веќе со нетрпение го очекуваме годинешниот ’Јелен демофест’“, истакна Анже.

„Панкарт“ (Punkart)

И тузланскиот бенд „Панкарт“ беше мошне продуктивен во текот на есента и зимата, а наградата од 3.000 евра, која ја добија како второпласиран состав на ’Јелен демофест’, ја „фрлија“ на хартија и делеа, множеа, собираа и одземаа: „На крајот купивме гитарска опрема за бендот, снимивме албум, кој во моментов е во фаза на миксање, снимивме видео запис за песната ’Мени је доста’, кој би требало да биде готов наскоро, подготвивме официјални плакати, подготовки за печатење маички и сето тоа би требало да биде завршено во рок од месец дена, така што на ’Јелен демофест’ се враќаме многу сериозно, благодарение на буџетот на овој супер фестивал“, истакнува Харис Алибашиќ, фронтмен на бендот.

„Панкарт“ имаат веќе голем број договорени настапи, па покрај „Јелен демофест“, ќе свират и на „Егзит“, како и во Словенија, а го привршуваат и новиот албум, како и реизданијата на два претходно објавени демо албуми.

„’Јелен демофест’ веројатно е едно од најдобрите нешта коишто ни се случиле во животот. ’Јелен демофест’ беше отскочната штица којашто ни даде мотив да се ’катапултираме во вселената’, дури и да се тоа само 10 метри од Земјата“, додава Харис.

„Лоу пик Чарли“ (Low peak Charlie)

По минатогодишниот „Јелен демофест“ и освоеното трето место, љубљанскиот „Лоу пик Чарли“ доби огромни пофалби во Словенија: „Имавме навистина доста концерти. Во моментов го подготвуваме материјалот за новата плоча, којашто ќе ја снимиме на есен и се надеваме дека сè ќе биде подготвено дотогаш“, вели Андреј Кресевич, вокалот на овој бенд.

Кога станува збор за наградата од „Јелен демофест“, додава дека бендот планира да ја искористи за снимање на нов албум, така што таа сè уште чека на својата мисија: „На ’Јелен демофест’ остваривме одлични пријателства и контакти, така што бевме и на мини-турнеја низ Хрватска“, вели Андреј, а неговиот колега и гитарист Лука Крижман додава дека не брзаат со албумот, бидејќи на него сакаат да покажат сè што знаат, со цел да претстават производ, на кој пред сè ќе бидат навистина горди.

„И минатата година ни беше тешко да настапиме на одличната сцена на ’Јелен демофест’, бидејќи дојдовме во Бања Лука без никакви очекувања кога се во прашање пласманот и наградите. Тоа што го постигнавме секако дека е голем плус, но главната причина за оваа опуштеност сигурно е прекрасната публика, која мислам дека би можела да го ’подигне’ и најнапнатиот изведувач. Се чувствувавме како во Словенија, можеби и подобро“, се потсетува Лука.

Осмото издание на „Јелен демофест“ ќе се одржи од 16 до 18 јули во Бања Лука, а локацијата на фестивалот би требало да биде позната наскоро.



Врати се горе ↑