Балкан maxresdefault

16 октомври, 2015

„Неиздрживо“ е новиот сингл и видео запис на Амел Ќуриќ

Победникот на втората сезона на регионалниот „Х фактор“, босанскиот пејач Амел Ќуриќ деновиве го објави својот нов сингл и видео запис за песната „Неиздрживо“, во кој се појавува и неговиот ментор од натпреварот – Масимо Савиќ, како и манекенката Теа Бошковиќ, која во 2012 година ја освоила титулата прва придружничка на Мис Хрватска.

Ќуриќ не ја крие возбудата за објавувањето на синглот и прекрасната соработка со групата професионалци: „Во текот на целиот натпревар, Масимо се покажа како одличен ментор, колега и пријател, а тоа остана и после шоуто. Тој е голем шоумен и вистински предизвик е да се работи со него. Уште додека беше во тек студиското снимање на песната, Масимо се понуди да ги отсвири гитарските соло делници, а потоа дојдовме до идеја да биде и актер во самиот видео запис. Што се однесува на Теа, режисерот Харис Дубица и јас баравме девојка која не е само класична убавица, туку има и карактер. По некое време одлучивме дека таа улога би можела да ја добие токму Теа. Целата екипа беше одлична, големи професионалци во својата работа и беше прекрасно да се соработува со нив“, изјави Амел за босански „Кликс“.

Масимо Савиќ, како личност која веќе долго време е на сцената, остана доследен на своите зборови кои му ги упати на Амел за време на шоуто – дека како негов ментор ќе биде со него и после победата.

„Како член на жирито на ’Х фактор’, чувствував дека треба цврсто да застанам до мојот ученик, а воедно и победник на тоа регионално шоу. Самата покана од Амел да ги снимам гитарите за песната ’Неиздрживо’ ја примив со големо задоволство. Снимањето на гитарските делници од песната во финалната фаза се претвори во снимање на истите тие делови во спотот. Мора да знаете дека снимањето спотови знае да биде мошне заморно и полно со празни чекори, но тој еден ден во Пореч беше поинаков и се радувам дека остана забележан како видео запис за песната ’Неиздрживо’“, рекол Масимо.

Видео записот е во режија на Харис Дубица, омилениот режисер на Дино Мерлин, кој живее во Швајцарија, каде што првобитно требаше да се снима. Дубица веќе со години соработува со познати имиња од регионалната музичка сцена, како што се „Забрањено пушење“, Дино Мерлин, Марија Шерифовиќ, Емина Јаховиќ, Саша Ковачевиќ, Ацо Пејовиќ, „Џогани“ и многу други.

Автор на музиката, текстот и аранжманот е Амил Лојо, со кого Ќуриќ соработувал и порано. Покрај Амел, Лојо соработувал и со Масимо, Лана Јурчевиќ и бројни други ѕвезди од регионот: „Им благодарам за довербата на Амел, Масимо и ’Менарт’. Мислам дека ја имаме вистинската песна во вистинското време со вистинскиот пејач. Нема потреба да зборувам за вокалните способности на Амел, но морам да кажам дека никогаш не ми звучел поуверливо. Сигурен сум дека и публиката ќе ја препознае и ќе ја почувствува таа хемија меѓу Амел и песната“, изјавил Лојо.

„Неиздрживо“ е прв сингл на Амел за хрватската издавачка куќа „Менарт“, со која потпиша договор и која води сметка за неговиот менаџмент. Во разговор за босански „Кликс“, Ќуриќ открил дека е презадоволен од сè што му се случувало во изминатите три месеци.

Презадоволен сум од комплетната екипа со која бев опкружен цело време додека траеше снимањето на овој мој прв сингл и видео запис по победата на ’Х фактор’, а посебно екипата од мојата издавачка и матична куќа ’Менарт’. Тоа е екипа на професионалци кои знаат да ја работат својата работа и мислам дека меѓу нас се создаде хемија од која ќе произлезе една позитивна приказна. Го делиме истото мислење, а тоа е најважното нешто за една квалитетна соработка“, заклучи Ќуриќ, додавајќи дека во план е уште еден сингл и видео запис, а во преговори е и за дует со една голема ѕвезда, но не сакал да открие за кого станува збор.

Како звучи и изгледа неговото првенче по победата на „Х фактор“ можете да погледнете во продолжение. Уживајте!

 

Извор: Klix.ba



Врати се горе ↑