27 јуни, 2014

„Негатив“, „ЗАА“ и „Конкеринг лајон“ утревечер на Широк сокак во Битола

Во градот на конзулите деновиве се одржува интернационалниот фестивал „Битола Отворен Град 2014“, во чии рамки се одржуваат бројни концерти на групи од земјата и странство, отворени улични забави, изложби и перформанси што се уште една причина за битолчани и бројните посетители да уживаат во прошетката кафето на Широк сокак, од Саат кулата па сè до Тумбе кафе. Оваа традиционална музичка манифестација својата кулминација ќе ја достигне утревечер (сабота, 28 јуни) кога на најубавата амбиентална улица во Македонија ќе настапат енергичната балканска рок актракција „Негатив“, спрскиот ска-реге-џез-панк состав „ЗАА“ и реге-хард кор бендот „Конкеринг лајон“ од Тетово.

Познатиот српски состав „Негатив, за прв пат доаѓа во Битола. Оформен во 1999 година, бендот го привлече вниманието со својот прв сингл „Ја бих те сањала“, кој се најде на нивниот деби албум „Негатив“ објавен во декември таа година. Препознатливиот и енергичен вокал на Ивана Петерс придонесе за нивната огромна популарност кај сите генерации на слушатели и за кратко време стана еден од најдобрите рок состави на Балканот, кој до сега има објавено четири студиски албуми и бројни хитови.

 

Составот „ЗАА, оформен во 2008 година во Крушевац, Србија, презентира музика со ска корени и влијание на џез и панк и во моментов е најпродуктивниот бенд во регионот. Во 2013 на својата турнеја реализираа 55 концерти. На Европскиот реге натпревар во 2013 се пласираа во првите три бенда. Позади себе имаат два студиски албума и едно ЕП издание, а нивниот нов албум „What About“ би требало да пристигне на есен. Како прв сингл од новото издание на 10 јуни беше објавена темата „I Drive“, која можете да ја слушнете во продолжение.

 

По пролетната европска турнеја, сè попопуларниот тетовски реге состав „Конкеринг лајон доаѓа и во Битола. Оформен во 2007 година, бендот има снимено три студиски албуми, а последниот од нив „Revelation“ беше објавен на 22 ноември 2013 година за етикетата на Пасворд Продакшн и е достапен за бесплатно симнување на www.exitmusic.rs. Во јануари годинава го претставија и видео записот за синглот „Trickster’s End“, а како изгледаше тоа можете да се потсетите во продолжение.

 

Фестивалот е во рамките на Битфест 2014 и е поддржан од Градоначалникот на општина Битола.

 



Врати се горе ↑