2 декември, 2014

„Не могу против срца свог“ е новата песна на Даниел Кајмакоски

2014 сигурно е годината која Даниел Кајмакоски ќе ја памети до крајот на животот. Покрај учеството и победата на регионалниот „Х Фактор“ и „Скопски фестивал 2014“, како и бројните награди и признанија на разни манифестации, пејачот имаше и ангажман за филмот „Ќе бидеме светски прваци“, за кој ја сними и песната „Не могу против срца свог“.

Темата, која е во стилот на шлагерите од педесеттите години на минатиот век, е комплетно авторско дело на Кики Лесендриќ, а за екранизацијата се погрижија режисерот Марко Сопиќ и „Интермедија нетворк“, кои ја доловија атмосферата на некогашните игранки на Калемегдан, вметнувајќи сцени од претстојниот филм на Дарко Бајиќ. Како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе.

Уште една новост поврзана со нашиот евровизиски претставник за 2015 година е тоа што е единствениот претставник од Македонија којшто учествувал во снимањето на химната за СП во ракомет за мажи, кое ќе се одржи во Катар во јануари следната година, а до средината на истиот месец би требало да биде готова и новата верзија на евровизиската „Лисја есенски“, на која ќе работи со продуцентите од „Симфоникс продукција“, кои работеа на победничката „Rise Like a Phoenix“ на Кончита Вурст. Повеќе детали во „Дневник“.

 



Врати се горе ↑