15 декември, 2012

„Не кажувај либе добра ноќ“ си доби видео запис

Браќата Тавитјан и Нина Бадриќ го промовираа спотот за македонската традиционална песна „Не кажувај либе добра ноќ“ од Наско Џорлев, кој го изработи Томато продукција. Оваа композиција во продукција и аранжман на Тавитјан е една од најслушаните на второто продолжение од најпродаваниот албум на Балканот „Македонското срце чука во 7/8“. Спотот е снимен на повеќе локации во Македонија и Хрватска, а ќе биде промовиран и на медиумите ширум Балканот.

Покрај браќата Тавитјан , Гарабет и Нина Бадриќ во спотот, се појавуваат и Биљана Ѓошева и Јана Бурчевска. Инаку, Нина штотуку ја заврши балканската концертна турнеја со големиот концерт во Белградска арена, а наскоро во план е и нејзин концерт во Македонија, пишува Вечер.

Таа е особено задоволна од соработката на оваа преубава песна и за неа, токму овој период претставува најсоодветен за ова видео издание, велат Тавитјановци, кои со полна пареа работат на новото продолжение на Македонското срце – трет дел. Најавуваат исклучително ексклузивни соработки, како и врвен квалитет во музичката продукција и аранжманите што ќе бидат различни од претходните два дела, сè со една цел – промоција на Македонското културно наследство надвор од границите на Македонија.



Врати се горе ↑