За Вас ts

9 јануари, 2015

Научниците открија зошто поп музиката звучи исто

Секој што редовно слуша радио барем во еден момент сфатил дека скоро сите популарни песни звучат многу слично или исто, а бројните истражувања сè повеќе го докажуваат она во кое сите се сомневавме: поп музиката станува сè повеќе и повеќе хомогена. А сега, благодарение на една нова студија, конечно знаеме и зошто.

Опфаќајќи повеќе од 500.000 албуми, студијата покажува дека во сите музички жанрови најдобро се продава едноставноста. Кога нешто станува популарно, тоа задолжително се поедноставува и станува сè повеќе формулаично, па ако се прашувате зошто меѓу најдобрите 10 песни на листите се наоѓаат две песни од Меган Трејнор кои звучат сосема исто и две песни од Тејлор Свифт, кои исто така звучат исто, научниците мислат дека конечно го имаме одговорот.

 

Имено, истражувачите од Медицинскиот универзитет во Виена во Австрија проучувале 15 жанрови и 374 поджанрови. Тие ја оценувале комплексноста на жанрот во текот на времето (мерењето од страна на истражувачите било само од квантитативни аспекти, како што се тоналитетот и акустичните варијации) и ги споредиле со продажбата на жанрот. Тие откриле дека во скоро секој случај, како што им се зголемува популарноста, така стануваат сè повеќе генерички.

„Како што се зголемува продажбата, така музиката станува сè поформулаична во однос на инструментацијата, а сето тоа поради тенденцијата да се популаризираат музички стилови со незначителни разлики и музичари со слични вештини“, велат истражувачите.

Значи музиката почнува да се поедноставува и да звучи слично, а сложеноста всушност започнува да ги „брка“ луѓето од другите музички стилови. Алтернативниот рок, експерименталната и хип-хоп музиката сега се покомплексни во однос на почетокот, но нивната продажба опаѓа. Изненадувачки е фактот што само неколку жанрови го задржале високото ниво на музичка комплексност во текот на времето, велат истражувачите. И оние кои свират фолк, фолк-рок и експериментална музика не заработуваат толку многу. Освен, се разбира, оние кои се дел од „калапот“ на поп-фолк музиката, како што се „Мамфорд енд санс“ или „Луминирс“.

 

Наодите се во голема мера интуитивни. Се разбира дека еден жанр ќе се продава повеќе откако ќе воспостави звук со којшто слушателите ќе можат да се идентификуваат. Но, науката само ја докажува вистината за актуелната доминантна поп музика: компаниите преферираат да го промовираат тоа што веќе знаат дека ќе се продава. Дискографските куќи вложуваат многу во анализа на податоци и алатки, кои ги користат за да предвидат кои песни ќе бидат хитови. Според Дерек Томпсон од „Атлантик“, директорите можат да ги користат услугите на сервиси како што се „Шазам“ и „Хит предиктор“, кои со изненадувачка прецизност можат да ги предвидат следните големи хитови.

Откако една достојна песна или уметник ќе се издвои од другите, радиските конгломерати имаат механизми со кои обезбедуваат музиката да се поврзе со публиката. Програмата „На работ“ (On The Verge) на „Клир ченел“ е една од најпознатите. Кога една песна ќе се најде „на работ“, секоја станица во мрежата „Клир ченел“ (Clear Channel) мора да ја пушти најмалку 150 пати, со што ќе стигне до ушите на околу 245 милиони слушатели. Несомнено е дека токму овој начин придонесе за популарноста и успехот на Иги Азалија, кои таа не можела да ги постигне на друг начин и само со својот талент. А нејзиниот успех, пак, „регрутира“ легии на хип-хоп и поп имитатори од кои дискографските куќи ќе можат да изберат нови ексклузивци, бидејќи нивните шанси за успех се докажани. И сето тоа се врти во круг.

 

Студијата е во право и тоа сега е веќе сериозен проблем. Иги Азалија можеби е предвесник на евентуална хомогенизација на хип-хопот, но таа е само пион на медиумската циркулација. Како што соопштуваат од „Атлантик“, „најдобрите 40 радио станици минатата година ги емитуваа 10-те најголеми хитови речиси двапати повеќе отколку што тоа го правеа пред една деценија.“

Човечките суштества се жедни за блискост. Бројни психолошки истражувања покажуваат дека луѓето повеќе избираат песни кои ги им се препознатливи отколку песни кои повеќе им одговараат на нивните музички вкусови. Манипулативната музичка индустрија, која ја избира препознатливата музика и им ја пласира на слушателите во масивни количини, добро знае како да профитира од овие желби. Жанровите се стандардизираат со текот на времето и тогаш ги слушаме истите песни, одново и одново…

Извор: Mic.com



Врати се горе ↑