Концерт

21 јуни, 2018

Настапот на „Тексас“ на „Скопје колинг“ презакажан за 28 септември

Настапот на британската група „Тексас“, кој требаше в сабота да се одржи во рамките на фестивалот „Скопје колинг 2018“, е презакажан за 28 септември во СРЦ „Кале“, соопштија од „Авалон“.

„Имено, причина за тоа е што пред 15 дена пејачката Шарлин Спитери (Sharleen Spiteri) доживеала тешка повреда, која во изминатиов период се обиделе да и` ја санираат. Поради фактот што таа има забрана на летање со авион и забрана за движење воопшто, во наредниве десет дена, бендот ги откажа настапите во Софија, Крагујевац и во Скопје, но во изминативе 48 часа, нон-стоп работевме и задоволство ни е да ве информираме дека добивме нови датуми и дека TEXAS дефинитивно сепак ќе настапуваат во Скопје, на 28 септември во СРЦ ’Кале’“, објаснија од продукцијата, додавајќи дека добрата вест во оваа лоша вест е што саботниот настап ќе беше фестивалски во времетраење од 75 минути, а настапот во септември ќе биде целовечерно шоу во времетраење од 120 минути.

„Се разбира дека на членовите на „Тексас“, но и нам ни е многу жал за настанатата ситуација, ама едноставно вакви работи се случуваат. Интересно е што за првпат во 25-годишната работа на ’Авалон продукција’ имаме ситуација одреден артист од здравствени причини да го откаже настапот неполна недела пред негово одржување. Очигледно е дека во бизнисот, како и во животот, за се` има првпат. Сепак, преовладува задоволство што успеавме да добиеме нов термин и што ќе ги имаме ’Тексас’ во Скопје дури и во подобра варијанта со целовечерно шоу, само неполни 2 ипол месеци отсега“, додадоа од „Авалон“.

Во продолжение следат техничките детали поврзани со и околу влезниците за саботниот настан, како и за целиот фестивал „Скопје колинг 2018“.

СИТЕ ШТО ДОСЕГА ИМААТ КУПЕНО ВЛЕЗНИЦИ:
1. Со купените влезници за 23.06 ќе може да го гледаат Дарко Рундек и повторно со истите влезници да ги гледаат „Тексас“ на 28 септеври во СРЦ „Кале“.
2. Купените блок-влезници за сите четири дена ќе важат и за Дарко Рундек и за настапот на „Тексас“ во септември во СРЦ „Кале“. Тие што ќе дојдат со блок-карта, на излез ќе добијат влезница за концертот на „Тексас“ на 28 септември.
3. Оние што сакаат да го гледаат САМО Дарко Рундек, а се` уште немаат купено влезници за неговиот настап, ќе можат да купат влезници само за Рундек по цена од 600 денари ПАРТЕР и 900 денари ФАН ПИТ.
4. Сите што имаат купено влезници за „Тексас“ за 23 јуни, а не сакаат да ги гледаат во септември и не сакаат да го гледаат сега Дарко Рундек, ќе можат да ги вратат влезниците на оние продажни места од каде што ги имаат купено.

САБОТНИОТ НАСТАП НА TEXAS ПОРАДИ ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ НА SHARLEEN SPITERI, ПРЕЗАКАЖАН ЗА 28 СЕПТЕМВРИ!Со жалење ве…

Gepostet von Avalon Produkcija am Dienstag, 19. Juni 2018

Третото издание на фестивалот „Скопје колинг 2018“ започнува вечерва со настапот на еден од водечките тандеми на електронската денс-сцена, Аксвел и Ингросо, чија домашна поддршка се нашите Галоски, Ампов и Дагз. Утревечер на ред се „Морчиба“ и „Нувел ваг“, за кои атмосферата ќе ја загрее скопското трио „Фанк шуи“, а в сабота ќе настапи Дарко Рундек. За што поспектакуларно финале на „Скопје колинг 2018“ ќе се погрижи последната голема ѕвезда на електронската музика, Алан Вокер, и нашето сè попопуларно дуо „Сирилик“.



Врати се горе ↑