11 јуни, 2015

„Насмевка“ – уште една одлична соработка на „Д хаундс“ и Леа

Денеска, бендот „Д хаундс“ (The Hounds) и Леана Таќи – Леа ги промовираа своите нови песна и спот. Песната се вика „Насмевка” и е нивно авторско дело. Снимена е во студиото на Јордан Манов, а видеото го изработи Христијан Конески.

Ова е втора соработка со прилепскиот состав и Леа и тие велат дека планираат во иднина да продолжат да соработуваат музички. Нивната прва песна „Да дишеме слободно” доживеа голем успех и и по 2 години продожува да биде актуелна на локалните радио станици.

Леа во спотот се појавува во креација на талентираната модна дизајнерка Ирина Тошева, а за нејзината шминка и фризура се погрижи Милена Северкоска од „Make Up Studio Vintage“ во Прилеп.

„Д хаундс“ постојат од 2008 година. Бендот го сочинуваат Златко Карчески (бас гитара и вокал), Илија Мирчески (тапани), Јане Петкоски (гитара) и Крсте Карчески (гитара). Тие во моментов работат на издавање на својот прв студиски албум.

Леана Таќи – Леа, македонската публика имаше можност да ја запознае во повеќе соработки. Започна со хитовите „Не заборавај”, „Иста патека” и „Сон” во бендот „Ај кју“ (Eye cue), а ја видовме и како „Емили” со „Бета хаус“ (Beta House), како и нејзините соработки со „Лева патика“, Мартина Блажеска, Дарко Стојчев и др.



Врати се горе ↑