Македонија

16 мај, 2019

Наскоро нова песна од Искра Трпева

Едно од најпознатите имиња што ја одбележа македонската забавна музика во деведесеттите и почетокот на двеилјадитите години, Искра Трпева наскоро ќе се врати на сцената со нова песна. Имено, таа уште пред две години најави нов материјал што го подготвувала со колегата и долгогодишен соработник Кристијан Габроски, со кого и ја започна својата музичка приказна.

„Во принцип не сакам да откривам многу, но можам да кажам само дека работам на нешто ново заедно со Кристијан. Најпрвин ќе пуштам сингл, а сакам да снимам и видео запис, но сè во свое време“, изјави тогаш пејачката, која зад себе има бројни хитови како што се „Допри ме“, „Штом падне мрак“, „Заврши сè“, „Љубов (срце)“, „Странец“, „Исти“ и други.

Што ќе биде следно во оваа низа ќе дознаеме наскоро, бидејќи пејачката и професорка по соло-пеење деновиве објави неколку фотографии од студио. Дали станува збор за тоа што го подготвувала со Габроски, или пак за нешто сосема ново, останува да дознаеме во периодов што следува.



Врати се горе ↑