Свет tt

5 септември, 2014

Наскоро нов албум од Тејк Дет

Познатата британска група Тејк Дет од почетокот на годинава го подготвува својот претстоен, седми по ред, студиски албум, кој ќе го наследи изданието „Progress“ од 2010 година. „Работиме на нови материјали за новиот албум на Тејк Дет веќе од Нова година“, напиша на својот профил на Твитер фронтменот на бендот, Гери Барлоу: „Многу сме возбудени! Поминаа четири долги години од последниот албум“, додаде тој.

Групата оригинално формирана во 1990 година е составена од Барлоу, Роби Вилијамс, Марк Овен, Џејсон Оринџ и Хауард Доналд. До 1996 година момците уживаа огромен успех на музичката сцена и беа една од најпопуларните машки групи во деведесеттите, но поради заминувањето на Вилијамс, групата паузираше сè до 2005 година кога преостанатите четири членови продолжија со работа и следната година го објавија изданието „Beautiful World“, како и „The Circus“ во 2008 година. Две години подоцна, во 2010, Вилијамс повторно стана дел од Тејк Дет, а како резултат од тогашната работа беше изданието „Progress“.

За време на паузите, Барлоу, Овен и Вилијамс беа посветени на своите соло кариери објавувајќи по 4 (Барлоу и Овен), односно 10 студиски албуми (Вилијамс). Последниот албум беше најавен со успешниот хит „The Flood“, на кој можете да се потсетите во продолжение.

 



Врати се горе ↑