Македонија tose

15 октомври, 2013

Наскоро две нови песни од Тоше на англиски јазик

Со литургија за помен и неколку културно-уметнички активности, Крушево утре ќе ја одбележи шестгодишнината од смртта на легендата Тоше Проески. Во црквата во неговото родно Крушево, утре во 6.20 часот, во времето кога пред шест години се случи трагедијата во близина на Нова Градишка, ќе се одржи литургија во спомен на прерано починатата пејачка ѕвезда. Одбележувањето ќе продолжи во 10,30 часот со членовите на ликовната секција од ОУ „Никола Карев“ (училиштето во кое учел и Проески), кои ќе го цртаат ликот на својот идол, а точно напладне се очекува да пристигнат и маратонците кои во чест на Тоше секоја година трчаат од Нова Градишка до Крушево. Нивниот дочек ќе биде организиран на платото на Гумење, каде што крушевчани, претставници на фондацијата „Тоше Проески“, фанови и почитувачи, ќе ги поздрават маратонците. Присутните потоа ќе се преселат во Спомен-куќата „Тоше Проески“ каде што ќе бидат интерпретирани литературни творби посветени на Тоше од страна на учениците од средното училиште од Крушево „Наум Наумовски-Борче“. 

Паралелно со активностите околу одбележувањето на шестгодишнината од смртта на Тоше, интернационалната фондација „Тоше Проески“ најавува и други проекти: „Во тек е доработка, доснимување на видеозаписот за песната „Жао ми је“, кој беше пронајден во компјутерот на Тоше и кој наскоро ќе ѝ биде презентиран на јавноста“ – за Утрински весник изјави Андреј Николовски, директор на Фондацијата. „Готова е и биографијата на Тоше, а деновиве се работи и на две нови песни, кои ги најдовме во студиото на Енди Рајт, а се отпеани на англиски јазик“.

Извор: Утрински



Врати се горе ↑