Видео 1471316_801591043264615_4012700190008942810_n

15 мај, 2015

Наместо промотивен материјал за „Евровизија“, донација за Детската клиника во Скопје

„Секојдневно добивам пораки на мојата официјална фан страна, на меил, со апел за помош за нечиј живот и молба да се сподели линк или веста. Шокантно е колку многу луѓе имаат потреба за помош, колку се борат за својот живот, особено деца. Тоа те прави да се запрашаш што е приоритено во животот и како можеш твојата положба да ја искористиш. Ова е главната причина зошто одлучив средствата определени за печатени промотивни материјали да ги намениме за деца и родители кои имаат потреба од помош. Средствата се донирани на одделот за интензивна нега на Детската клиника во Скопје“, изјави Даниел Кајмакоски.

Нашиот евровизиски претставник Даниел Кајмакоски склучи договор со Детската клиника во Скопје за донирање на респираторен апарат (Babylog 800) наменет за новороденчиња, најпотребен на предвремено родените бебиња кои не можат да дишат сами. Апаратот ќе се користи на одделот за интензивна нега и терапија каде се хоспитализираат 350 – 400 пациенти, од кои 85 проценти се новородeнчиња.

Даниел Кајмакоски на својата прва официјална прес конференција во Виена, кога вообичаено се дистрибуираат промотивните материјали, подели картички со свои контакти и линк од својот онлајн прес пакет кој е достапен за сите новинари и фанови.

По одржувањето на втората техничка проба, следеше прва заедничка прес конференција на Даниел и „Мрџ“. На почетокот Даниел се заблагодари на целиот авторски тим кој работеше на „Autumn Leaves“, особено на композиторот Јоаким Персон и аранжерот Роберт Билбилов. Даниел изјави дека е пресреќен што е на евровизиската сцена заедно со неговите идоли од детството – „Мрџ“ од „Блекстрит“, и заедно го отпеаја рефренот од нивниот голем хит „No Diggity“. (видео долу)

Воедно, Даниел зборуваше за неговата иницијатива за хуманитарна акција. Тој и неговиот тим одлучија средствата наменети за печатен промотивен материјал да се донираат на одделот за интензивна нега при Детската клиника во Скопје, за што доби голем аплауз од присутните новинари.

На крајот Даниел изјави:  „Пресреќен сум и возбуден што ќе настапам на Евровизија во Виена, градот во којшто пораснав и ќе ја претставувам мојата земја Македонија.”

Даниел и „Мрџ“ се подготвуваат за утрешната македонска евровизиска вечер, на која се поканети новинари и делегации од сите држави учеснички. Тие исто така утре вечер ќе настапат на еден од најголемите хуманитарни настани во светот, престижниот „Life Ball“, заедно со бројни светски музички ѕвезди.

Следете ги сите новости поврзани со Даниел и „Евровизија“ преку официјалната веб страна за наменета само за евровизиски вести:  eurovision.danielkajmakoski.mk. Во продолжение погледнете ја втората проба и целата прес-конференција од денеска. 

 

 



Врати се горе ↑