Настани 10153987_10152250141386005_1355181579_n

28 јуни, 2014

Наместо Негатив, вечерва во Битола ќе настапи српската атракција Земља грува

Вечерва (28 јуни), со почеток во 21 часот на Широк сокак во Битола ќе се одржи традиционалниот голем музички хепенинг во рамките на Интернационалниот младински арт фестивал  „Битола Отворен Град 2014“ во организација на Младинскиот културен центар Битола. Како звезди на вечерта ќе настапат членовите на српската атракција Земља грува, откако синоќа бендот Негатив од Србија го откажа настапот во Битола поради висока температура на вокалистката Ивана Петерс. Со ваквата замена сепак битолчани ќе имаат можност да се забавуваат во вистинска жешка атмосфера бидејќи Земља грува е всушност бендот кој настапи како предгрупа на англиската поп дива Ејми Вајнхаус на нејзиниот голем и контроверзен концертен спектакл на Калемегдан во 2011. Притоа Земља грува беа единствен претставник од Србија. Покрај Земља грува, кои премиерно доаѓаат во Битола, како нивна претходница во рамките на големиот музички хепенинг вечерва ќе настапат и српскиот ска-реге-џез-панк состав ЗАА и реге-хард кор бендот  Конкеринг Лајон од Тетово.

Бендот Земља грува настапува на сите поголеми сцени во регионот, а публиката речиси секаде ги знае нивите песни напамет. Како илустрација за популарноста на бендот зборува податокот дека нивниот албум „WTF is gruvlend?“ за само една година бележи 40 000 симнувања од нивниот веб сајт, по што следат над 1 000 000 посети на нивниот ЈуТјуб канал. Овој бенд, прв пат во Србија по цели 30 години од концертите на Азра во почетокот на осумдесеттите години, во иста вечер распродаде два концерта. Така, покрај регуларниот концерт во истата вечер се одржа уште еден под името „Полноќен експрес”. Земља грува, еден од најбројните и најпопуларните бендови на српската музичка сцена, настапувајќи на сцените ширум регионот релативно брзо по издавањето на својот деби албум „WTF is gruvlend?“ застана рамо до рамо со највлијателните српски и регионални музичари. Покрај забележителните настапи на Беовизија, освојувањето на Оскарот на популарноста во категоријата „Нов звук“ во 2010 година, освојувањето на наградата Хит на годината на радиото Б92 и наградата за најдобар албум во 2010 според музичкиот портал Попбокс, оваа група од клубска атракција премина во нешто што одамна не се случило на домашната сцена.

 



Врати се горе ↑