Концерт koncert

19 мај, 2014

Наместо „Авалон“, хуманитарен концерт ќе организира Владата на Република Македонија

Само еден ден откако беше најавен хуманитарниот концерт за настраданите од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, Авалон продукција јавува дека истиот нема да се одржи од следните причини:

„Ве информираме дека Авалон Продукција се откажува од организирање на хуманитарниот концерт којшто беше планиран да се одржи на 28 мај. Имено, Владата на Република Македонија објави и најави дека ќе организира хуманитарен концерт кој ќе се одржи на 22 мај (четврток).

Бидејќи сметаме дека не e логично во толку краток рок да се одржат два концерти за иста намена, што би довело до раситнување на ресурсите како што се ТВ преноси, кол – центар, купување влезници и слично, ние отстапуваме од најавениот концерт со желба на концертот што треба да се одржи овој четврток, да се соберат што е можно повеќе средства за помош на настраданите подрачја во Србија и Босна и Херцеговина. 

На овој концерт ќе настапат и дел од изведувачите кои што беше планирано да настапат на концертот во наша организација“,  пишува во соопштението од продукцијата.

Концертот наречен „Да се сплотиме во хуманоста“ кој е организиран од Министерството за култура ќе се одржи во четврток (22 мај) во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19 часот, а средствата од билетите кои се цена од 150 денари и се во продажба од денеска, ќе бидат наменети за граѓаните од загрозените региони во Србија и БиХ. На концертот ќе настапат Калиопи, Тамара Тодевска, Тијана Тодевска, Ламбе Алабаковски, Каролина, Димитар Андоновски, Виолета Томовска, Бени Шаќири, Дани, Некст тајм, Миле Кузмановски, Гиш, Ефто Пупиновски и други познати музички имиња од македонската естрада. Исто така, од утре сите театри и Македонската опера и балет организираат претстави и опери а средствата од картите исто така ќе бидат наменети за погодените во Србија и Босна, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

 

 

 



Врати се горе ↑