Настани

16 август, 2018

Најзначајниот музички продуцент на сите времиња, Најл Роџерс го отвора јубилејниот „Си денс“!

Еден од најголемите продуценти на сите времиња, Најл Роџерс (Nile Rodgers) ќе настапи во придружба на својата легендарна група „Шик“ (Chic) на спектакуларното отворање на овогодишното јубилејно, петто издание на фестивалот „Си денс“ (Sea Dance) на плажата Буљарица во Будва, во четврток 30 август!

Легендарниот композитор и музичар кој значително влијаеше врз тековите на развојот на популарната музика, заслужен е за некои од безвременските хитови и албуми на светските ѕвезди како што се: Дејвид Боуви, Мадона, „Дјуран Дјуран“, „Дафт панк“, Ерик Клептон, Роберт Плант, Џорџ Мајкл, Брајан Фери, „Би-фифти-тус“, „Инексес“ и многу други. За соработка со него се бореа и гиганти како што се Мик Џегер и Мајкл Џексон, а диско-ерата не би била иста без капиталните подиумски химни на неговата група „Шик“, но и хитовите за „Систер Слеџ“ и Дајана Рос, додека неговата славна песна „Good Times“ се смета и за еден од изворите на хип-хоп музиката.

Кога ќе се соберат, сите песни кои тој ги сработил надминуваат 500 милиони продадени албуми и повеќе од 75 милиони синглови. Роџерс ја докажува својата современост и фактот дека тој е најголемиот визионер на танцовата музика било кога, со тоа што тој стои и зад суперпопуларната нумера „Get Lucky“, веројатно и најголемиот летен хит на оваа деценија! На листата со негови помлади соработници се запишаа и Лејди Гага, Дејвид Гета, Авичи, Фарел Вилијамс, Кајли Миног, Питбул, „Сигала“, „Дисклоужр“ и Сем Смит, додека со „Шик“ ќе го објави и новиот албум „It’s About Time“ во септември оваа година, а чии песни премиерно ќе ги чуе публиката на фестивалот „Си денс“!

Дека настапот покрај тиркизниот Јадран ќе биде вистински спектакл, најдобро говори податокот дека „Би-би-си“ ги прогласи Роџерс и „Шик“ за една од најдобрите концертни изведби во 2017, додека минатата година и фестивалските гиганти „Гластонбери“ и „Коачела“ го вброија овој фуриозен состав меѓу своите најуспешни настапи по оценка на медиумите и публиката. Сѐ уште се прераскажува и спектакуларното отворање на „Егзит“ од 2013 кога на преполната главна бина хорски се пееја хитовите „Let’s Dance“, „Get Lucky“, „Le Freak“, „We Are Family“, „Notorious“, „Lost in Music“, „Like a Virgin“, „Upside Down“ и бројни други чии мелодии буквално секој ги има чуено, дури и без да знае дека сите нив ги поврзува едно име – Најл Роџерс! Токму поради тоа овој музички гениј го има своето место и во Рокенрол-куќата на славните, но и Денс-куќата на славните, Греми-куќата на славните, а тој претседава и со Куќата на славните музички автори.

Директно од врвовите на светските топ листи и по неодамнешниот хедлајнерски настап на главната бина на фестивалот „Тумороуленд“, во четврток на 30 август, на „Си денс“ пристигнува и белгиската суперѕвезда „Лост фрикуенсис“ (Lost Frequencies)! Популарниот музичар на „Си денс“ се враќа по распродадените турнеи со светските ѕвезди „Чејнсмоукерс“, како и новиот албум на кој се наоѓа хит-синглот со Џејмс Блант, и нумерите „Crazy“, „Beautiful Life“ благодарение на кои повторно ги зазема топ позициите на светските музички листи со стотици милони „ЈуТјуб“ прегледувања.

Во листата на изведувачи за овогодишниот фестивал ќе се придружи и Бурак Јетер (Burak Yeter), кој на јубилејното издание на фестивалот „Си денс“ пристигнува по фантастичниот настап на „Егзит“ пред повеќе од 25 илјади фанови! Овој холандски диџеј со турско потекло е една од најголемите сензации на клупската сцена во изминативе неколку години, за што сведочи и апсолутниот хит-сингл „Tuesday“, кој се вртеше во клубовите ширум светот со околу 400 милиони прегледи на Јутјуб!

Честа да се врати и на петтото издание на фестивалот му припадна на повеќекратно платинестиот продуценстки тандем Филатов и Карас (Filatov и Karas). По вртоглавиот успех на интернационалниот хит „Don’t Be So Shy“ кој освои платинест тираж, а воедно се најде и на листата на најбараните синглови на музичката платформа „Шазам“, дуото од Москва стигнува на тиркизната Буљарица со новите хитови меѓу кои е и одличната летна хит нумера „Time Won’t Wait“, која во претходните години ги покори речиси сите топ-листи на светските радио станици. Во плејадата одлични светски имиња ќе се придружи и водечкиот состав на првата балканска хип-хоп издавачка куќа „Басивити“ (Bassivity), со мисијата да претстават некои од новите ѕвезди на регионалната рап сцена. Со тоа, покрај ултрапопуларните имиња како што се Ви-Ај-Пи и Коби (VIP и Coby), на главната бина ќе покажат што умеат и Арафат (Arafat), С’риал (Surreal), Фока (Fox), Кукус клан (Kukus Klan), Мили (Mili) и Сара Џо (Sara Jo).

Своите настапи на петтото јубилејно издание на фестивал „Си денс“, кој ќе биде одржан од четврток, 30 август до сабота, 1 септември на плажата Буљарица во Будва, ги потврдија: Dimitri Vegas & Like Mike, Paul Kalkbrenner, Nile Rodgers & Chic, Nina Kraviz, Alice Merton, Dax J, Lost Frequencies, Burak Yeter, Antigone, Francois XShlømo, Eagles & Butterflies, Filatov&Karas, Sofia Rodina, Marko Nastić, PTU Live, Hladno pivo, Van Gogh, Marko Louis, Sajsi MC , Krešo Bengalka, Vojko V, Who See, Bassivity Showcase, Lag, Vakat AKA Aleksandar Grum, Forest People, Gillerz & Be Good, Ilija Đoković, Sugar Lobby, Monosaccharide, Bodzie, Popi Divine, Mr. Lekka, Branko Vuković, Buba, Vegim & Flekitza, Ana RS, TZ Project, ČX, Sabinaa, Jan De R и многу други.

Тридневните влезници за „Си денс“ по цена од само 1.650 денари достапни се преку МкТикетс и на сајтот seadancefestival.me само до 22 август, по што цената ќе биде повисока, а преку официјалната туристичка агенција на фестивалот „Егзит“ – EXIT Trip, во понуда се и пакетите кои опфаќаат влезници за фестивалот и сместување.



Врати се горе ↑