Свет one-direction-midnight-memories

3 јануари, 2014

Најпродаваните албуми за 2013 година во Велика Британија

Како што јавуваат од Official Charts Company, изданието „Midnight Memories“ на сензацијата Уан Дајрекшн сепак е најпродаваниот албум за 2013 година во Велика Британија. Третиот студиски албум на оваа група за многу кратко време успеа да го надмине бројот на продадени примероци кој до неодамна го имаше деби албумот на Емели Санде, изданието „Our Version Of Events“ кое до средината на декември беше на врвот на оваа листа. Според податоците на Official Charts Company, Уан Дајрекшн својот нов албум до сега го продале во повеќе од 685 000 примероци во само пет недели по објавувањето.

Шкотската пејачка Емели Санде ја заврши годината на второто место со само 2000 примероци помалку од нејзините колеги (683 000 примероци), а во 2012 година (кога го објави албумот), изданието оствари тираж од импресивни 1,4 милиони примероци. Санде го задржува и својот овогодишен рекорд на сите времиња, кој пред повеќе децении го поставија легендарните Битлси со албумот „Please, Please Me“ во категоријата „деби албум кој најдолго се задржал во селекцијата од најдобрите 10“ (63 недели).

Меѓутоа, годинава ниту едно издание не е продадено во милионски тираж, а тоа се случува за прв пат во изминатите дваесетина години. И покрај тоа, извршниот директор на Official Charts Company, Мартин Талбот брзата продажба на албумот на Уан Дајрекшн ја опишал како „доста импресивно достигнување“.

Помеѓу 40-те најпродавани албуми за 2013 година се најдоа и изданијата на Гери Барлоу, Бруно Марс, Мајкл Бубле, Род Стјуард, Роби Вилијамс, како и деби албумот на победникот на X Factor од 2012 година, Џејмс Артур, кој се пласираше на 30-то место. Комплетната листа на најпродавани албуми во Велика Британија можете да ја погледнете на официјалната страна на Official Charts Company.

„Midnight Memories“ дебитираше на 1-вото место на албумската листа и во првата недела по објавувањето беше продаден во повеќе од 237 000 примероци, со што го заслужи статусот на најбрзо продадено издание на годината во Велика Британија. Момците од 1D беа успешни и на другата страна од Атлантикот, па дебитираа на првото место и на билбордовата 200 листа и така станаа единствената група која со сите три албуми во првата недела го зазеле само првото место.

Уште еден рекорд кој го соборија младите момци е со нивниот документарен филм „This Is Us“ во режија на Морган Спрлок (Morgan Spurlock), кој неодамна стана и најбрзо продаваното музичко ДВД/Блу-реј издание во историјата во Велика Британија, со 270 000 примероци продадени во првата недела по објавувањето.

 



Врати се горе ↑